„ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш покажува дека не ѝ важно справувањето со здравствените и економските последици од коронавирусот, туку само се обидува да заработи политички поен плус на маката на граѓаните. Ако претходно од белиот дворец лажеа дека имало само 100 теста на коронавирус, ако лажеа дека 140.000 граѓани во периодот останале без работа, денеска лажат за наводни ценовни шокови и инфлации и очајно се обидуваат да внесат вознемиреност во јавноста“, се вели во реакција на СДСМ на прес-конференцијата на Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, во случај кога за само неколку дена малопродажната цена на горивата е намалена 20 денари, а во согласност со светските случувања сè уште се намалува, дополнителната акциза нема да значи дополнителен финансиски товар за граѓаните и стопанството.
Зголемувањето на акцизата на горивата, велат оттаму е привремено и ќе го следи намалувањето на цената на нафтата на светските берзи, односно ако цената на нафтата се зголемува, тогаш дополнителната акциза ќе се намалува.
„Граѓаните да останат смирени, нема да има никакви ценовни шокови и инфлации како што лажно тврди ВМРО-ДПМНЕ. Она што е важно е фактот дека трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати одат директно во буџетот за поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните и за поддршка на нашиот здравствен систем.
Кризата од коронавирусот остава сериозни економски последици на глобално ниво, а не е поштедена ниту нашата земја и за нејзино надминување потребни се сериозни финансиски средства и солидарност од сите. Но, солидарноста одамна е непознат поим за ВМРО-ДПМНЕ, која продолжува со деструктивно и неодговорно однесување и во време на здравствена и економска криза“, се вели во соопштението.