Економија 25. мај 2019. / 13:24

Русија им удоволи на Заев и Николовски: Се укинува забраната за увоз на овошје!

Русија им удоволи на Заев и Николовски: Се укинува забраната за увоз на овошје!

Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација целосно ја укинува забраната за увоз на коскесто овошје. Конкретно, од понеделник од Република Северна Македонија во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини.

Увозот на праски и нектарини од Република Северна Македонија во Руската Федерација е одобрен, со гаранции од македонските надлежните фитосанитарни служби, дека истите потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey.

Дополнително, секоја пратка од праска и нектарина наменета за рускиот пазар, која потекнува од незаразено подрачје, ќе биде пропратена со веродостојни лабораториски анализи издадени од македонската Државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа.

Забраната за извоз на коскесто овошје во Русија, стапи на сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola во Република Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава. Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем. Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија.

По оваа забрана, следуваше жестока дипломатска офанзива од страна на премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделие Љупчо Николовски за да се укуне оваа санкција. Инаку, премиерот Зоран Заев е многу близок пријател со Иван Савидис, руски олигарх близок до авторитарниот претседател Владимир Путин и неговата партија “Единствена Русија”.

Како што се шпекулира во јавноста, како благодарност за милионските бизниси со тутун кои Заев му ги овозможува на Савидис во земјава, тој лобирал за тргање на оваа забрана, од што пак, ќе профитираат и семејните компании на премиерот кои се дел од овој бизнис.

Руската Федерација е значаен економски партнер на Македонија, а трговската размена помеѓу двете држави бележи значителен пораст. Само во првите месеци од оваа година, за 90 отсто е зголемен извозот на земјоделско- прехранбени производи од Македонија во Русија, споредбено со истиот период минатата година. Зголемениот извоз од Република Северна Македонија кон Русија во делот на земјоделско- прехранбените производи се должи пред се на извозот на јаболка, нo тренд на пораст се бележи и кај другите производи кои се извезуваат на рускиот пазар.