Економија 19. декември 2020. / 11:38

РКЕ предлага проширување на категориите за ранливи потрошувачи

РКЕ предлага проширување на категориите за ранливи потрошувачи

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги до Министерството за економија достави  предлог за проширување на категориите на ранливи потрошувачи.

Како што соопшти Комисијата, станува збор за иницијатива на РКЕ, која предлогот го подготви во соработка со Електродистрибуција, по препорака на Енергетската заедница со цел да се намали енергетската сиромаштија кај домаќинствата кои не се во целосна финансиска кондиција да ги подмират сметките за електрична енергија.

-Предлогот опфаќа принципи врз основа на кои може да се дефинираат критериуми по кои ќе се утврдат потрошувачите, односно домаќинствата кои ќе влезат во категоријата на ранливи потрошувачи, наведуват од Комисијата.

РКЕ предлага дополнително да се опфатат и следните категории на потрошувачи коишто би користеле енергетски ваучер и тоа: домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош согласно закон, домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи; домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и истиот е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија (прва група) и истата е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата, чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинството; домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на тарење на пандемијата.

-Со ова, практично и формално ја започнуваме иницијативата со која сакаме да го зголемиме опфатот на домаќинствата кои не можат во целост да ги подмират фактурите за електрична енергија, или поголем дел од нивните приходи одат за плаќање на фактурите. Целта е преку субвенционирање на одредена сума од страна на државата да се надмине овој проблем, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.