Економија 09. јуни 2020. / 15:36

Регулаторна ќе побара ЕВН да ги замени постоечките со броила со далечинско отчитување

Регулаторна ќе побара ЕВН да ги замени постоечките со броила со далечинско отчитување

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, соопшти дека последниве денови до Комисијата пристигнуваат по 30-тина барања од граѓани за корегирање на високите сметки од ЕВН.

Бислимовски најави дека ќе направат притисок врз компанијата постоечките броила да бидат заменети со броила со далечинско отчитување за во иднина да нема проблеми со фактурите за потрошена електрична енергија.

До минатата недела имавме околу 150 реакции, а сега околу 30-тина реакции на ден. Тоа се граѓани кои не доставиле реакција до ЕВН или решиле директно да се обратат до РКЕ. Ние во истиот ден ги препраќаме реакциите до ЕВН и за најголем дел од нив, ЕВН писмено не известува дека ќе ги корегира фактурите соодветно на доставените податоци – изјави Бислимоски.

Тој нагласи дека разговарале со Електродистрибуција, која е оператор на електродистибутивниот систем, за поставување броила со далечинско отчитување во целата држава.

Во Општина Гостивар веќе е почнат пилот-проект и сите поставени броила ќе се менуваат со броила со можност за далечинско отчитување, а по добивањето на првичните резултати и анализи се очекува проектот да биде спроведен и на територијата на целата држава.

Во наредниот период ќе направиме поголем притисок на Електродистирбуција да почне процес на заменување на постоечките броила со броила кои имаат можност за далечинско отчитување. Веруваме дека на тој начин ќе немаме вакви проблеми во отчитувањето на потрошената електрична енергија. Броилата нема да бидат на трошок на граѓаните, туку наш трошок на компанијата како основно средство кое потоа РКЕ го зема во предвид при определувањето на цените – потенцира Бислимоски.