Фирмата „Пуцко петрол“, во сопственишство на градоначалникот на Пласница од ДУИ, Исмаил Јахоски, доби два нови тендера, овој пат од Општина Битола, за набавка на лесно масло за горење – екстра лесно масло за затоплување „ЕЛ-1“ за потребите на Општината, основните и средните училишта и детските градинки во надлежност на Општина Битола, во вредност од 34 милиони и 113 илјади денари, односно 554.000 евра, како и тендер распишан од Министерството за внатрешни работи за набавка на гориво и течен гас со вредносни ваучери со вкупна вредност од 13 милиони и 924 илјади денари или 226.406 евра.
Според Бирото за јавни набавки, „Пуцко петрол“ во периодот од 1 јуни 2017 година, кога дојде до промена на власта, до денеска има добиено над 400 тендери за снабдување државни институции со гориво со севкупна вредност од над 2,1 милијарда денари или околу 34,5 милиони евра.
Меѓу многубројните тендери се и тендерите со Службата за општи и заеднички работи, како и тендерот за набавка на гориво за автобусите на ЈСП вреден 15 милиони евра. „Пуцко петрол“ одлична соработка со државните институции имаше и за време на прехтодната власт кога во јавноста излегоа информации дека фирмата на Јахоски во тоа време добила тендер за снабдување неколку државни институции со мазут, како Министерство за внатрешни работи, општите болници во Гостивар и Гевгелија, Државниот студентски дом во Скопје и други, без лиценца за трговија со мазут.