Економија

Првиот воз од Македонија за Бугарија ќе тргне во 2023 година

Првиот воз од Македонија за Бугарија ќе тргне во 2023 година

Првите луѓе на МЖ – Инфраструктура Ирфан Асани и на Бугарската железница Красимир Папукчиски најавија дека првиот воз од Македонија за Бугарија ќе тргне во 2023 година. До тогаш ќе треба да се реализираат уште две железничките делници од македоснка страна и заедничкиот тунел на граничниот премин Деве Баир како и поголем дел од делницата во Бугарија.

Според двајцата директори, најмногу време три до четири години ќе се потроши за пробивање и изградба на тунелот кој е во должина од 2.383 метри, а проблем на македонска страна се и парите за изградба на третата делница од Крива Паланка до Деве Баир кои дополнително треба да ги обезбеди Владата.

-Моментално се довршуваат работите на првата делница од Куманово до Бељаковце која треба да биде пуштена во сообраќај многу брзо. Доцнењето во реализацијата на овој дел од железничката делница, е поради низа пропусти во проектот, неправилно дадената дозвола за градење како и експропријацијата и археолошките наоѓалишта – рече Асани.

Во план е, рече Асани, пругата од Бењаковце до Крива Паланка да почне да се гради на почетокот на следната година.

– За втората фаза за најмногу две недели ќе распишеме тендер, а почетокот на изградбата планираме да биде на почетокот на наредната година. Исотвремено се работи и на третата делница за која се обезбедени 60 милиони евра ИПА. Остатокот од 300 милиони евра треба да го обезбеди Владата со кредити – рече Асани.

Целата изградба на пругата од Куманово до границата со Бугарија во должина од 86 километри, според планот, треба да чини над 600 милиони евра.

– Досега се обезбедени 140 милиони евра за правата делница, 145 милиони евра за втората делница и 60 милиони евра за третата делница. Остатокот од 300 милиони евра за третата делница треба да ги обезбеди Владата преку кредити. И на овој дел веќе се работи и очекувам целата финансиска конструкција да се покрие – рече Асани

Тој рече дека рокот до 2023 година ќе биде запазен бидејќи се работи на интензивирање на работите.

Директорот на Бугарската железница, Папукчиски исто така се надева дека железничкото поврзување меѓу двете земји ќе се реализира оти како што рече, на нивна страна синтензивно се работи на поректот.

-Многу брзо ќе го објавиме тендерот за изведувач на преостанатиот дел од пругата. Се надевам дека на крајот на 2023 година ќе се сретнеме на крајот на тунелот – рече Папукчиски.

Дека на железничкото поврзување интензивно се работи говори и фактот што секојдневната комуникација на двете железници се одвиваат на персонално ниво.