Економија 01. January 2019. / 19:16

ПРВ СКАНДАЛ ВО 2019: Неформалниот сопруг на министерката Царовска добивал набавки во четири очи

ПРВ СКАНДАЛ ВО 2019: Неформалниот сопруг на министерката Царовска добивал набавки во четири очи

Три јавни набавки со вкупна вредност од 1.5 милиони денари добила компанијата „ФЛАЈ КЕМ“ ДООЕЛ Скопје, која е во сопственост на неформалниот сопруг на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Во исто време, во анкетните листови за состојбата на нејзиниот имот, Царовска не го пријавила богатството – открива Економски Лидер во својот прв скандал за годинава.

Горан Георгиев веќе подолго време живее во заедница со министерката Царовска. Имаат и детенце кое е продукт на нивната љубов, имаат автомобил и стан. Навидум, Горан и Мила се класично македонско семејство, со една разлика што тие немаат формално стапено во брак.

Според македонските закони, иако партнерите не се стапени во формална брачна заедница, тие целосно ги уживаат истите права и обврски со оние кои го ставиле својот потпис пред матичарот.

Но, доколку се погледне анкетниот лист на министерката Царовска поднесен до ДКСК (Државна Комисија за Спречување на Корупција), таму не може да се пронајде ништо од богатството на нејзиниот неформален сопруг.

Во анкетниот лист може да се пронајде нејзиниот личен имот, имот на нејзините родители и нејзинот брат, но не и имотот на нејзиниот животен сопатник.

Анкетен лист на министерката Мила Царовска, Државна Комисија за Спречување на Корупција

Според законските норми, предмет на толкување е дали функционерите треба да поднесуваат извештај за имотот на нивните неформални партнери. Но, со оглед на тоа што се работи за лица кои живеат заедно, имаат деца и практично единствено потписот пред матичар ги дели од брак, според толкувањата на правниците ова може да претставува мудар начин за прикривање на корупција.

Мила е министерка, Горан лета дронови на државна сметка!

Вкрстената проверка на Лидер во Управата за јавни приходи и Централниот регистар, покажува дека Горан Георгиевски е единствен сопственик на компанијата „ФЛАЈ КЕМ ДООЕЛ“ – Скопје. Компанијата е основана во 2015 година а од тогаш па наваму во три набрати добила пари од државата.

Последниот договор, Георгиевски го склучил со АД МЕПСО на 10.04.2018. Според него, „ФЛАЈ КЕМ“ за потребите на МЕПСО обезбедила некакви  „Специјални летечки уреди (дронови) за извршување вонреден преглед на ДВ“, вкупната вредност на договорот 779.980 денари.

Според договорот кој е склучен без тендер туку во четири очи помеѓу директорот на МЕПСО и неформалниот сопруг на Царовска, „ФЛАЈ КЕМ“ се должни да обезбедат и обука за вработените во МЕПСО кои ќе оперираат со дроновите.

Економски Лидер, договорот и го доставува на јавноста во целост:

Се чини договорите за набавки во четири очи, каде што набавката зависи само од желбата и вољата на менаџментот на државната институција, се стил за компанијата на неформалниот сопруг на Царовска. Освен за потребите на МЕПСО, проверката на сајтот за јавни набавки покажува дека тој добил исти вакви набавки и од Општина Куманово и Град Скопје.

На Општина Куманово, Георгиев на 27.03,2018 и продал дрон за 129.800 денари а во 2016 за потребите на град Скопје снимал со дрон и своите услуги ги наплатил  538.882 денари. Вкупно, Георгиевски од државата, во четири очи инкасирал околу 1.5 милиони денари.

Сите Јавни Набавки на ФЛАЈ КЕМ

Град Скопје го поништи тендерот за набавка на дрон кој ќе мери загаденост – Георгиевски во игра?!

Нашиот интерес за Георгиевски и неговата компанија дојде откако добивме информација дека токму компанијата на неформалниот сопруг на Царовска е главен фаворит на градоначалникот Петре Шилегов за да го добие тендерот за набавка на дрон кој ќе мери загаденост во Скопје.

Овој тендер имаше проценета вредност од неверојатни 100.000 евра, по што се отвори сериозен сомнеж во јавноста дека некој сака преку него да извлече државни пари.

Кон средината на декември, по добиените понуди, Скопскиот плански регион го поништи тендерот за набавка на овој дрон. Според одредени шпекулации кои ги добивме од вработени во Град Скопје, ова се случило за да се овозможи набавката вредна 100.000 евра да биде доделена во четири очи, без тендер.