Економија

Преспа е полна со туристи, недостасуваат капацитети

Преспа е полна со туристи, недостасуваат капацитети

Преспанското крајбрежје и оваа туристичка сезона има максимална посетеност. Туристичките капацитети иако во мал број исполнети се до последното легло.

Градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски оцени дека Преспа најпосетена е за викендите и празниците, кога се бара легло повеќе. Но, на крајбрежјето редовни се дневните гости, кои уживаат во убавините и бенефитите што ги нуди Преспанското Езеро.

Тој смета дека потребно е зголемување на сместувачките капацитети, со што, како што истакна во рагзовор за МИА, значително ќе се подобрат условите за туристите, а со тоа очекува повеќе туристи наредната сезона.

– Мал е бројот на сместувачки капацитети каде подолго би престојувале туристи. Мора да менуваме нешто во тој дел, секако создавање на предуслови за влез на странски инвеститори, расположени да градат покрај Преспанското Езеро. Ние години наназад имаме дневни гости, со акцент на поголема посетеност за време на викендите. Тоа не е доволно, ако се знае, дека пред години во туризмот работеле над 1.000 луѓе, подвлече Гошаревски.

Очекува повеќе инвестиции на преспанското крајбрежје и зголемување на бројот на леглата за наредната туристичка сезона.