По предлог на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, вчера почна постапката за измена на Законот за земјоделството и руралниот развој, со која се олеснува пристапот до субвенции на илјадници тутунопроизводители кои имаат долгови кон Управата за јавни приходи, изјави денеска Татјана Прентовиќ, пратеничка од СДСМ и коалицијата, на прес-конференција.
Со измената овозможуваме и оние тутунопроизводители што имаат ненамирени обврски кон УЈП, да може да добијат субвенции за нивното производство. Обезбедуваме континуитет во производството на тутун и им олеснуваме на земјоделците. За годинава исплатата на субвнеции за тутун ќе почне веднаш по завршување на откупот на тутунот, а оваа година, исто како и минатата, тутунопроизводителите ќе добијат зголемени субвенции на три нивоа. Станува збор за речиси 21.000 тутунопроизводители и 90.000 земјоделци, кои аплицирале за субвенции, рече Прентовиќ.
Додаде дека мнозинството предводено од СДСМ продолжува со спроведување на зацртаните мерки што обезбедуваат развој на земјоделството, зголемени и навремени субвенции и повеќе пари и повисок животен стандард за земјоделците.