Економија 05. февруари 2020. / 13:29

Предизборно, министрите ја правдаат одлуката за К-15 за администрацијата

Предизборно, министрите ја правдаат одлуката за К-15 за администрацијата

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска смета дека нема ништо спорно во тоа што е предвидена исплата на К-15 во колективниот договор за државната администрација што треба да го потпишат Министерството за информатичко општество и Синдикатот на УПОЗ.

Таа денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека ако социјалните партнери увиделе дека К-15 е важно за да се обезбедат квалитетни работни места или работниците да се чуствуваат подобро, тогаш тоа е прашање кое тие заеднички го надминале.

– Она што државата го направила при преговарањето на претходните структури на синдикатите и претходната влада е губење на повеќе од правата и во реалниот, и во јавниот сектор. Сметам дека ако социјалните партнери МИОА и Синдикатот на УПОЗ утврдиле дека ова е прашање кое и е потребно на одредена група работници, тогаш тоа е прашање кое го надминале. Ако двете страни се согласат дека нешто е важно, тогаш кој е тој однадвор кој ќе каже дали е тоа важно или неважно, рече Царовска.

Според Царовска, не смее да се генерализира продуктивноста на администрацијата бидејќи, како што рече, дел од администрацијата можеби не е целосно продуктивен, но има и дел кој покажува одлични резултати.

– Сите мерки за кои зборуваме и сите економски политики што ги спроведуваме се искреирани и се имплементираат од одреден дел од администрацијата. Сметам дека не смееме да девалвираме ниту еден работник во државата бидејќи имаме мал човечки потенцијал кој треба да биде употребен во развој на државата. Како вицепремиер ќе настојувам постојано да го поддржувам работниците кои се продуктивни и да обезбедиме можности сите плати во државата да растат, рече Царовска.

За министерката за финаниии одлуката за К-15 е фер и уставна

-Таква одлука на седница на Владата помина. Ќе бидат опфатат 20.000 вработени, а фискалните ефекти ќе бидат околу 200.000 милиони денари. Уставно, фер и недискриминарчки е сите вработени во нашата земја да го имаат ова право, бидејќи во приватниот сектор веќе се исплаќа, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска одговорајќи на новинарско прашање.

Таа додаде дека фискалните ефекти за оваа одлука се околу 200 милиони денари и дека буџетските корисници ќе треба да ги обебзедат овие средства за да можат да вршат исплата. На вчерашната владина седница помина Колективниот договор за државната администрација, во кој меѓу другото е предвидена исплата на К-15.

Во соопштението од Владата стои дека ова е прв грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи по 1995 година, со кој администрацијата се стекнува и со дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања, а се утврдува и правото на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права.

Како што информираат од владината прес- служба, колективниот договор ќе биде потпишан со репрезентативниот синдикат УПОЗ, а од страна на Владата ќе го потпише министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.