Економија 30. април 2018. / 16:51

Повторно поскапување на бензинот и дизелот

Повторно поскапување на бензинот и дизелот

Ноќеска на полноќ бензинот и дизелот поскапеа за 2 денари. Малопродажните цени на Еуросупер 95 и Еуросупер 98 како и на Еуродизелот и Екстра лесното масло за домаќинства се зголемуваат за два денари по литар. Ова го соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

РКЕ соопшти дека малопродажната цена на Еуросупер 95 ќе биде 70 денари, а на Еуросупер 98 ќе биде 71,50 денари по литар, Еуродизелот ќе чини 62 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство 50,50 денари по литар.

Меѓу другото се зголемува и малопродажната цена на мазутот, за 1.317 денари, по шти килограм мазут ќе чини 30.037 денари.

Имено во јануари парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го изгласа зголемувањето на акцизата за нафтата за 3 денари. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште пред да биде изгласана оваа мерка во собранието предупредуваше дека товарот за ова зголемување на акцизата ќе падне на грбот на граѓаните. Односно дека вештачки ќе се зголемат цените на нафтените производи како и на сите други производи кои ја користат нафтата како суровина.

Откако се изгласа зголемувањето на акцизата за нафтата цените на нафтените продукти постојано се во пораст, а за жал покачени се и цените на прехрамбените производи и други основни продукти. Според Државниот завод за статистика покачени се цените на компирот за 0.9 %, млекото за 0.8 %, сирењето и урдата за 0.5 %, другите пекарски производи за 0.3 % , телефонската и телефакс-опремата за 3.3 %, предметите за лична хигиена и здравје за 1.2 %, услугите за лична хигиена за 1.1 %, средствата за чистење и одржување на станот, обувките за 0.7 %, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 0.6 %, големите електрични апарати, услугите за култура за 0.5 %.