Можеби не е во согласност со очекувањата, но е барем добар почеток, вака премиерот Заев гледа на зголемувањето на платите за 5 отсто за вработените во градинките, основните и средни училишта, што ќе стартува со платата за септември. Одлуката вчера ја донесе Владата, денеска параф на спогодбата ставија Министерството за образование и СОНК. Ова зголемување ќе го чини буџетот 9,4 милиони евра годишно, Владата тврди – пари се обезбедени и за до крајот на оваа, и за сите наредни години.
Досегашниот жесток критичар на владините политики, првиот човек на СОНК, сега е задоволен што вработените ќе добијат барем мала финансиска инјекција, но бара уште повисоки плати. Неделков вели дека досега ја критикувал власта затоа што со претходното раководство на МОН немал никаков контакт и не можел да разговара за проблемите, но тоа се сменило со доаѓањето на новиот министер.
„Очекувам дека во наредниот период владата ќе посвети поголемо внимание на образованието каде платите се најниски во однос на целиот јавен сектор, во однос на степенот на сложеност на работата. Би замолил да продолжат разговорите за зголемување на платите и во наредниот период“, вели Неделков.
Од власта му возвратија дека дијалогот секако ќе продолжи, а ново зголемување на платите ќе зависи од тоа колку ќе расте економијата.
Целта ни е јасна – да го подигнеме стандардот и достоинството на наставниците – вторите родители на нашите деца, најважна алка во образовниот процес.
„Ние може на хартија да ги подготвиме и најдобрите образовни реформи, да ги креираме најквалитетните наставни програми и учебници, но свесни сме дека имплементацијата нема да го даде најдобриот ефект доколку наставниците не ни бидат сојузници. Правиме максимални напори наставниците да продолжат да бидат клучен партнер во креирањето и спроведувањето на образовните политики“, вели Адеми.
Со меморандумот се утврдува и најниската плата во основните училишта, на 12.714 денари, и во средните на 13.117 денари.