Економија 05. јуни 2019. / 10:41

После многу одложувања денеска е пуштен автопатот Миладиновци-Штип

После многу одложувања денеска е пуштен автопатот Миладиновци-Штип

Конечно, од денеска може да се вози по новиот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Од Министерството за транспорт и врски инофрмираат дека е пуштен за сообраќај во двата правца.Апелираат до сите корисници да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

Упатуваме благодарност до сите граѓани кои во овие неколку месеци беа трпеливи во однос на користење на оваа автопатска делница. Упатуваме благодарност и до сите градежни компании кои директно или индиректно беа вклучени во изградбата на овој значаен капитален објект – наведуваат во соопштението.

Од Министерството за траспорт истакнуваат дека Владата на Република Северна Македонија и понатаму е посветена на изградба на капитални објекти што се од огромно значење за развојот на државата и подобрување на животот на граѓаните.

Автопатот е долг 47 километри, широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“, каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.

Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

Во изградбата на патот покрај „Синохидро“ беа ангажирани и домашните градежни компании „Бетон“ и „Гранит“, односно над 800 работници од државава. Со Договорот се наложуваше кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од државава во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, а бројот на македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број.

На терен во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, што, исто така го гради „Синохидро“. Според најавите, наскоро треба да се објави тендер за изградба на автопатот Скопје-Блаце, во должина од 13 километри. Финансиската конструкција изнесува 110 милиони евра, од кои 27 милиони евра грант од ЕБОР од каде се обезбедени и 20 милиони евра за првата делница од автопатот Гостивар-Кичево, на потегот Букојчани-Кичево.

Да се потсетиме како Владата ветуваше дека ќе се пушти автопатот Миладиновци-Штип:

17 АВГУСТ 2018 Сугаревски: Нашите очекувања се дека до 30 септември овој автопат ќе биде комплетно завршен и пуштен во употреба.

17 СЕПТЕМВРИ 2018 Сугаревски: Крајниот рок беше 30. септември, согласно временските услови кои што беа ќе има многу минимално пролонгирање. Градежните активности очекуваме дека во наредниот месец, до средината или крајот ќе бидат комплетно завршини.

18 ОКТОМВРИ 2018 Сугаревски: Оваа автопатска делница е во финална фаза, ќе биде готова за месец до месец и половина.

9 ЈАНУАРИ 2019 Заев: Автопатот Скопје – Штип ќе биде пуштен до крај на месецов.

11 ЈАНУАРИ 2019 Китанов: Очекувам крајот на месецов автопатот да биде пуштен.

4 МАРТ 2019 Анѓушев: Автопатот ќе го пуштиме неделава.

6 МАРТ 2019 Сугаревски: Моментно се работи на два автопата и тоа Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип што ќе биде пуштен во употреба во текот на оваа седмица.

13 МАЈ 2019 Китанов: Автопатот Штип-Миладиновци ќе биде пуштен за 10 до 15 дена.

16 МАЈ 2019 Сугаревски: Автопатот ќе биде пуштен до крајот на месецот.

28 МАЈ 2019 Сугаревски: Не би сакал да шпекулирам кој ден ќе биде пуштен во сообраќај, но до четврток, петок, ќе биде пуштен.

1 ЈУНИ 2019 Сугаревски: Овие денови тој ќе биде пуштен во употреба, да не фиксираме датум, ама овие денови.