Тито Беличанец ќе плати казна од 1.000 евра, откако за него Комисијата за хартии од вредност одлучи да поведе прекршочна постапка, бидејќи, според регулаторот, тој го прекршил Законот за хртии од вредност. Односно, пред да ги продаде своите акции во компанијата „Тетекс“, имал инсајдерски информации дека таа ќе прекине со производство на тешка конфекција.
Вака одлучи Комисијата за хартии од вредност на својата последа седница, а казната е одредена согласно законските прописи.
Ова прашање беше актуелно пред точно еден месец, откако тетовски „Тетекс“ реши да го затвори својот погон за тешка конфекција, а десетна дена претходно, Беличанец, кој беше член на Надзорниот одбор и секако знаел дека погонот ќе престане да работи, ги продаде своите акции преку Берзата.
Комисијата за хартии од вредност на Македонија на 58-мата седница со која претседаваше Претседателот Нора Алити, врз основа на член 244 став 4 од Законот за хартии од вредност, одлучи да поведе прекршочна постапка, односно да издаде прекршочен платен налог на лицето Тито Беличанец, за сторено прекршување на член 173 став 1 од Законот за хартии од вредност. Попрецизно, лицето Тито Беличанец пред продажбата на акциите имал внатрешна информација дека ‚Тетекс’ АД Тетово ќе престане со производство на тешка конфекција. Со ваквото постапување, односно со продажбата на акциите пред да биде објавена ценовно чувствителна информација која лицето Тито Беличанец како член на Одбор на директори ја знаел, од негова страна е извршено прекршување на Законот за хартии од вредност – се вели во соопштението од Комисијата за хартии од вредност.