Економија 21. јули 2019. / 09:17

Поради невремето во Преспа последици врз јаболката ќе има во наредните две години

Поради невремето во Преспа последици врз јаболката ќе има во наредните две години

Најмалку за една третина ќе биде намалено производството на квалитетни јаболка во Преспа оваа есен, а последиците од големото невреме што пред една недела ја зафати Долна Преспа ќе се чувствуваат и во следните две години, пренесува порталот САКАМДАКАЖАМ.мк.

Во делот кој беше зафатен од ураганот, како што ние го нарековме невремето, нема да има воопшто јаболка. Штетите се стопроцентни. Околу 400 хектари беа зафатени од невремето на потегот од јужниот дел на Сливница до Маркова Нога. Во тој дел, штетата ќе биде не само за оваа година, туку и за наредната, бидејќи се оштетени насадите. Неколку стотини садници се откорнати, а и оние кои останаа се без лисна маса, тоа значи дека едвај би преживеале в година. Оваа и следната година, а можеби и таа по неа, ќе имаме негативни последици – вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен за САКАМДАКАЖАМ.мк.

Овоштарите велат дека јаболката скапуваат и на дрво. Економски се загрозени 350 семејства од селата Крани, Штрбово, Наколец, Долно Дупени, Љубојно, Брајчино, Арвати и Сливница. Тие годинава веќе вложиле пари во резидба, ѓубрење и заштита на јаболкниците, а берба нема да има. Нема да можат да ги платат долговите по земјоделските аптеки. Во тек е пријава на штетите во Општина Ресен, а дополнително ќе се каже како државата ќе им помогне на овоштарите.

Според овоштарите, Преспа е на удар на климатските промени. Лани градот во мај предизвика хиперпродукција, а годинава ќе се соочат со намалено производство.

Тие бараат да се најде заедничко решение со земјите од регионот, зашто поради близината на Јадранското и на Егејското море, државите од Грција до Хрватска се погодени од климатските промени.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.