Под притисок на јавноста, Владата вети дека на својата веб-страница ќе ги објави имињата на фирмите што примиле финансиска помош, а не им ја исплатиле на работниците. Од Канцеларијата на портпаролот на Владата, посочија дека се координираат со Генералниот секретаријат во врска со оваа активност. Неофицијално, за да не ги „изеде“ срамот, во меѓувреме, голем дел од газдите вчера побрзале да извршат исплата на заостанатите плати. Соочени со можноста да треба да ги враќаат парите, дел од работодавачите сакале да избегнат санкции, па се раздолжиле вчера и министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека ќе биде објавена листа на фирми што примиле поддршка за минимална плата, а не ја исплатиле.
Како никогаш досега и експертите и синдикалците се сложни дека креирањето вакви и слични економски мерки, во иднина треба да биде добро осмислено и плански организирано. Синдикалните организации отидоа подалеку и јавно побараа кривична одговорност и најстроги санкции за фирмите што ја злоупотребиле помошта од државата. Правници велат дека има елементи на кривична одговорност на газдите, бидејќи сумата не е мала – околу 2 милиони евра.