Економија 06. ноември 2018. / 16:09

Платите на судските службеници ќе се зголемат

Платите на судските службеници ќе се зголемат

Финализирање на активностите за потпишување Колективен договор за административните и судските службеници, изедначување на судските службеници со останатите во делот на додатоци на плата, како и враќање на платите што им беа одземени за време на штрајкот во 2016 година, биле дел од темите за кои разговарале претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија со министрите за јавна администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски и за правда Рената Дескоска Тренеска, и нејзиниот заменик Оливер Ристовски.

– Најважен за нас е колективниот договор што за овие дејности не е потпишан од 1995 година, со кој ќе се регулираат правата на вработените и што е најважно ќе ги опфати и судските службеници кои десетина-петнаесет години беа настрана и никој не сакаше да разговара за нив. Сега со ова се создава можност да ги регулираме нивните права, да ги отстраниме штрајковите и протестите и конечно да се работи во мирна атмосфера, да ги зголемиме платата, да се измени Законот за судска служба или да се донесе целосно нов, со што ќе се регулира делот на додатоците на плата што до овој момент ги немаа единствено тие – рече претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Министерот Манчевски, пак, потенцира дека и за нив е значајно потпишувањето на Колективниот договор.

– Јас сум оптимист и се надевам дека до крајот на оваа година или најдоцна до почетокот на следната да  го потпишеме и да се обидеме да го задоволиме најголемиот дел од барањата на синдикалците. Се разбира не може се. За некои работи разговаравме, за некои се разбравме за некои се критикуваме и така треба да биде – рече Манчевски.