Економија 18. мај 2020. / 12:34

Платежната агенција ќе ја спроведува процедурата за субвенции за млеко наместо сточарите

Платежната агенција ќе ја спроведува процедурата за субвенции за млеко наместо сточарите

Поднесувањето на барањата за субвенции за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко нема да го вршат сточарите, туку Платежната агенција која податоците ќе ги презема директно од регистрираните откупувачи на сурово млеко, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Ваквото олеснување на административните процедури, како што наведува МЗШВ, е поради состојбата предизвикана од КОВИД-19, а целта е земјоделците да не одат до подрачните единици на Министерството и да не се изложуваат на ризик.

-Владата на предлог на Министерството за земјоделство донесе Уредба за изменување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година. Со оваа Уредба се направи измена во поднесувањето на барањата за субвенции за подмерката за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, информира МЗШВ.