Економија 25. април 2020. / 13:00

Петров: Од 29 април почнува аплицирањето за бескаматните кредити од Развојна банка

Петров: Од 29 април почнува аплицирањето за бескаматните кредити од Развојна банка

Економски мерки на Владата, предводена од СДСМ, за справување со кризата од Ковид-19 имаат единствена цел – да се спасат што повеќе работни места, да се помогне на што повеќе граѓани и заеднички да ја пребродиме економската криза предизвикана од корона вирусот, истакна на прес конференција портпаролот на партијата Коста Петров.

За таа цел, додава тој, Владата вчера го објави новиот пакет на бескаматни кредити, Ковид 2 линија на Развојна банка, со која на сите микро, мали и средни компании ќе им бидат ставени на располагање 8 милиони евра обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија. Компаниите може да аплицираат за овој кредит, веќе од 29 април.

-Минимален износ на кредит е 3.000 евра и за овој кредит може да аплицираат и фирми со под 5 вработени. Максималниот износ на кредит е 90.000 евра. Главниот услов за овој кредит е вашата фирма да има за 30 проценти намален приход во март 2020 во однос на март 2019 или во однос на просечните месечни приходи за 2019, порача Петров.

Дополнителни услови се дека компанија треба да постои повеќе од половина година, да нема неплатени даноци и придонеси до 31 јануари 2020, да не е во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓа во категорија на исклучително ризични кредитобаратели.

Рокот на отплата на овој кредит е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница.

Аплицирањето ќе се одвива електронски по имејл-адреса објавена од Развојна банка, веќе од 29 април на полноќ.

-Сите уверенија од УЈП, потребни за аплицирањето за кредитот, може да се побараат електронски преку системот за е-даноци. УЈП потоа ќе ве исконтактира кога може да си ги подигнете уверенијата, појасни Петров.

Тој додаде дека државата се грижи и за лицата кои биле дел од неформалната економија и останале без приходи, а се запира и Законот за извршување до крајот на јуни. Се забранува отворање на стечајна постапка, а отворен е и солидарен фонд за помош на граѓаните погодени од кризата.