Економија

Отворена е најголемата фабрика за паметни телефони во светот

Отворена е најголемата фабрика за паметни телефони во светот

Јужнокорејскиот производител на познати Galaxy паметни телефони, „Самсунг електроникс“ ја отвори најголемата фабрика на светот за производство на мобилни телефони во предградието на Њу Делхи, Индија. Новата фабрика се протега на 14 хектари земјиште, а во понеделникот официјално ја отворија индијскиот премиер Нарендра Моди и претседателот на Јужна Кореја, Мун Је-ин.

„Оваа голема фабрика ќе му помогне на ‘Самсунг’ да одговори на големата побарувачка во земјата со 1,3 милијарда жители, во која има 425 милиони корисници на паметни телефони“, изјави претставникот на CyberMedia Research, Фасијал Кавоса.

Идејата за отворање ваква фабрика е на индискиот претседател, кој се обидува да ги привлече компаниите да градат токму во Индија со цел да ја зајакнат домашната економија. Индија минатата година привлекла странски инвестиции во висина од 62 милијарди долари, што е најголем износ досега.

Новата фабрика има капацитет за производство на 120 милиони паметни телефони годишно, а ќе се произведува сè – од евтини модели, кои ќе чинат помалку од 100 долари, па сè до најскапиот модел Galaxy S9.