Економија 11. јули 2020. / 17:30

Останува неисполнето ветувањето за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Останува неисполнето ветувањето за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Мандатите на владите почнуваат и завршуваат, но не и работата на 12 километарскиот автопат  Скопје – Блаце. Завршува уште еден мандат на Владата со неисполнето ветување за автопатот што треба да ги поврзе земјава со Косово, објавува „Алсат“.

На локацијата на која треба да се гради долго ветениот автопат нема механизација која работи, иако со години наназад се дава такво ветување. Во делот на Македонија сè уште има проблеми со експропријација на земјиштето.

Ваквата состојба подобро ја објаснуваат жителите на селото Блаце кои велат дека се навредени од цената што државата им ја дала за нивната земја. Тие жестоко се спротивставуваат на понудата на државата од 200 денари. Зароа, жителите поднеле и тужба.

„За таа цена никогаш не потпишувам земјата да и се даде на државата. Во ред ако државата нема пари, нека направи компензација со друго земјиште. Како ќе се реши, ќе видиме. Ние протестиравме порано, повторно ќе протестираме. Јас и огромното мнозинство го испративме овој случај на суд“ – вели еден од жителите.

Тие се чувствуваат измамени. Велат дека механизацијата која била донесена таму работела само една недела и заминала. А, како што велат, и оние што се согласиле за цената сè уште не ги добиле парите.

„Почнаа пред олку две недели и донесоа неколку скапани машини. Колку да се рече дека почнавме и го оставија.  Отидоа, ги зедоа багерите и заминаа. Плодното земјиште беше платено 4 евра, а шумата 15 евра. Тие големите,  лажговците, имаат некаква корист овде“ – велат жителите.

Автопатот Скопје-Блаце со години се ветуваше од ДУИ. Овој проект е скоро во сите изборни програми на партијата на Ахмети. Истото ветување е и сега во програмата 2020-2024 година.