Економија 16. април 2020. / 10:00

Одобрени се бескаматни кредити за 254 претпријатија со над 2.800 вработени

Одобрени се бескаматни кредити за 254 претпријатија со над 2.800 вработени

Со цел полесно и побрзо надминување на кризата од коронавирусот Владата предводена од СДСМ презема сериозни чекори и мерки за помош на стопанствот, за зачувување на секое работно место. Со пакетот мерки државата спасува 250.000 работни места, им помага на работниците и над 35.000 компании, велат од СДСМ преку соопштение.

Со цел надминување на последиците од кризата, како што велат, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, со којашто се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, како и Уредба која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Ослободувањето од плаќање на аконтациите на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19.

Една од  мерките за помош и поддршка на домашната економија се и бескаматните кредити кои им се ставени на располагање на микро, малите и средни претпријатија.

За оваа мерка, во втората група апликации одобрени се нови бескаматни кредити за дополнителни 118 компании со 1.116 вработени.

Во двете групи досега, одобрени се бескаматни кредити за 254 претпријатија со над 2.800 вработени“, соопштуваат од партијата.

Досега во Развојната банка се доставени и веќе се разгледуваат повеќе од 1.050 кредитни апликации од страна на микро, мали и средни претпријатија.

Оттаму додаваат дека оваа мерка ќе ја подобри ликвидноста на компаниите погодени од кризата и ќе им помогне полесно да ги надминат негативните последици.

Кризата со коронавирусот остава сериозни последици врз економијата на глобално ниво. Затоа преземаме навремени и одговорни решенија за помош и поддршка на домашната економија. Продолжуваме да работиме одговорно, посветено за заштита на секое работно место, затоа што за нас секој е важен, велат од СДСМ.