Економија 15. октомври 2019. / 11:16

Одлука на Владата за 915 милиони денари субвенции за земјoделците

Одлука на Владата за 915 милиони денари субвенции за земјoделците

915 милиони денари ќе им се исплатат на земјоделците со ребалансот на Буџетот, предвидува Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, усвоена на вчерашната седница на Владата.

-Со овие средства ќе се изврши исплата на земјоделските стопанства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година и тоа за единствените барања по површина за производителите на полјоделски, градинарски, лозарски, овоштарски култури, како и исплата по грла на сточарите и тоа за говеда, овци, кози, свињи, живина и пчелни семејства, соопшти владината прес-служба.

Обезбедени се пари и за исплата на производители на градинарски производи кои своите производи ги имаат предадено во преработувачки капацитети, како и за откупена пченица од род 2018 година од домашно производство.

Во измената предвидени се и финансиски средства за исплата на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко предадено во периодот јануари заклучно со април 2018 година. До крајот на годината, најавуваат од Владата, ќе бидат исплатени производителите на јаболка за произведено и предадено јаболко кај откупувачи, како и производителите на свињи кои ќе аплицираат за под-мерката за депопулација на свињите.