Истражувањето на DW од последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија всушност откри низа системски слабости во Фондот поради кои се губат буџетски средства. Еден од проблемите е токму исплатата на пензии на починати лица, пишува DW.
Поради необезбедени навремени и целосни податоци за починати, уплатени се средства на трансакциски сметки на починати корисници по истекот на законски утврденото право. Утврден е износ од 156.215.000 денари (2,5 милиони евра) на име исплатени пензии на починати корисници за периодот од 2007 до 2017 година, вели Мијалче Дургутов од Државниот завод за ревизија.
По закон, правото на пензија престанува кога корисникот ќе почине. За да прекине исплатата потребно е Фондот да добие информација дека пензионерот е починат. Во најголем дел од случаите тоа го прават најблиски роднини кои веднаш по смртта доставуваат умреница. Со неа преку Фондот ја добиваат законската помош од 30.000 денари за погребни трошоци. Друг начин Фондот за пензиско да биде известен е преку месечните извештаи што ги добива од Управата за водење на матични книги. Но и покрај овие механизми има случаи кога Фондот продолжува да исплаќа пензија на починати лица, некаде поради прикривање од страна на роднините, некаде поради системски пропуст.
Фондот нема ниту надлежност ниту начин да има веднаш сознание за денот на смртта на корисникот и исплатата ја врши согласно последните податоци што ги поседува, вели Светлана Цветановска од Одделението за правни работи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ).
Од Фондот додаваат дека законски, престанок на исплата на пензија за починат корисник се врши врз основа на податок за датум на смрт. Потврдуваат дека овој податок Фондот го добива од семејството или од Управата за водење матични книги. Ако некој задоцни или го прикрие фактот дека пензионерот е починат исплатата на пензијата продолжува. Против оние граѓани кои ќе го измамат Фондот, се покренуваат судски постапки.
Неодамна беше откриено дека во времето на директорување на кадрите на ДУИ, Исни Јакупи, Беким Незири и актуелниот директор Шаип Зенељи дури 12.000 осигуреници останале без пари во приватните пензиски фондови. Штетата ја чинеше државата дури 19 милиони евра.
Извор:DW