Откако социјалните мрежи зовреа поради фактот што во владината кампања „Дома си е дома“, со која се промовира летување во домашните туристички дестинации, а за што граѓаните ќе добијат и ваучер за туризам на сума од 6.000 денари, е користена фотографија од езеро кое не се наоѓа во земјава, туку во странство, односно во Германија, „Фактор“ ја праша Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во земјава зошто е направен таков пропуст.
Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за „Фактор“ вели дека оваа агенција не учествувала во изработката на сајтот и не и биле побарани фотографии, и затоа таа не била задолжена за избор на фотографиите за кампањата.
Според неговите сознанија, за тие кампањи биле задолжени или од Министерството за економија, или од Министерството за финансии.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја води кампањата ‚Дома си е дома’ веќе два месеци. Но, Министерството за економија и Министерството за финансии се задолжени за изработка на сајтот и на ваучер системот. На Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не и беа побарани фотографии, ниту учествуваше во изработката на сајтот. Ние сега ја работиме кампањата ‚Дома си е дома’, значи снимаме 10 видеа, промоција и се што е неопходно за кампањата. Но, за тие фотографии за сајтот не бевме задолжени, така што, од каде биле користени тие фотографии и зошто биле избрани такви фотографии, нека кажат надлежните институции – вели Љупчо Јаневски, прв човек на Агенцијата за Фактор.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека тие биле надлежни за изработка на сајтот за домашната платежна картичка, а дека за ваучерите за домашен туризам се задолжени од Министерството за економија.
„Фактор“ го прашува и Министерството за економија зошто е направен ваков пропуст.
Оттаму велат дека во интерес на времето и со желба да се фокусираат на функционалноста, одбрале слики со природа. Нагласуваат дека платформата ќе биде надградена со голем број фотографии од нашата држава.
Во интерес на времето и со желба да се фокусираме на функсионалноста на платформата одбрани се слики со природа. Како Министерство за економија низ целата промоција на мерката акцентот е ставен на промовирање на туристичките потенцијали на Република С. Македонија
Платформата ќе биде доградена со нови податоци за капацитети и места каде ке можат нашите граѓани да ги користат Ваучерите за одмор и сигурно дека таму ке бидат ставени слики и податоци за убавините на нашата Држава – велат од Министерството за економија за Фактор.
Инаку, фотографијата е направена од британскиот фотограф Симон Мигај, кој на социјалните мрежи веќе објави дека се чуди како неговата фотографија од Езерото Кенигс станала популарна во политичката кампања во Македонија.
Да биде ситуацијата уште позаплеткана, иако фотографијата е земена без дозвола од Симон Мигај, Министерството за економија склучила договор во четири очи во висина од околу 20 илјади евра за таа фотографија од езерото Кенигсе.