Економија 10. октомври 2020. / 08:08

Од денеска до понеделник „Викенд без ДДВ“: Сметките да се скенираат во рок од три дена

Од денеска до понеделник „Викенд без ДДВ“: Сметките да се скенираат во рок од три дена

Од денеска до понеделник (10, 11 и 12 октомври) во земјава ќе се спроведува мерката „Викенд без ДДВ“ со која ќе се враќа целиот данок на додадена вредност за македонски производи и услуги, како и за компјутерска опрема без разлика на нејзиното потекло.

Мерката ќе може да ја користат граѓаните што ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ и со неа ќе треба, како и досега, да ги скенираат фискалните сметки. Меѓутоа, за да имаат целосен поврат на ДДВ (за македонски производи и услуги и за компјутерска опрема) тие ќе треба да ги скенираат сметките во рок од три дена на издавањето.

Ако ги скенираат по овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како и досега, односно ќе се враќаат само 20 проценти од ДДВ.

Парите од повратот на целосниот ДДВ ќе треба да „легнат“ на сметките на граѓаните во рок од 15 дена, односно до крајот на октомври.