Ниту една странска компанија не дојде да инвестира во земјава годинава, но и ниту една не си замина, потврди директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриските развојни зони Јован Деспотовски.
Компаниите што си одат се оние со кои договорот е раскинат затоа што не почнале навреме со градежните активности, тврди директорот на ТИРЗ. Тој вели дека нови инвестиции нема поради пандемијата.
Првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски, потврди дека се раскинати договорите за добивање градежно земјиште со четири инвеститори, затоа што не почнале навреме со градежните активности. Сепак, информира дека и во услови на криза има инвеститори кои се пред склучување на договор, а дел од веќе постоечките најавуваат проширување во зоните.
Додаде, дека државата има интерес од странските инвеститори кои на име даноци и придонеси за 2018 година платиле 22,6 милиони евра, а во 2019 сумата се зголемила на 28,5 милиони евра.
-Заклучно со Октомври оваа година вкупниот извоз во државата е паднат за 13.01 процент во однос на извозот во 2018 година, меѓутоа од ТИРЗ зоните е намелен само за 9.4 % .Тоа значи дека извозот во зоните секако се намалува како последица на глобалната криза, рече Деспотовски.
Додаде дека платите на работниците во индустриските зони се пониски од просечните плати, но и побавно растат во однос на просечните нето плати на другите граѓани во државата.
-Просечната бруто плата е повисока во однос на просечната бруто плата исплатена во ТИРЗ зоната исплатена во 2018 година. Разликата била некаде околу 6.2 проценти,таа разлика се намалила во 2019 година и сега изнесува некаде околу 5.4 проценти. Но сепак останува фактот во ТИРЗ зоните оние наши сограѓани кои работат некаде околу 14.000 вкупно во моментот уживаат пониска просечна плата во однос на она која ја уживаат сограѓаните генерално, вели Јован Деспотовски.