Лага е дека се инвестира во здравството! Од една милјарда и шестотини милиони евра задолжување само 118 милиони евра да потрошите за здравствена заштита покажува каков однос имате кон здравствената заштита, обвини Александар Николоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека средствата за здравствена заштита се непроменети во однос на претходната 2020 година, кога биле за 59 милиони евра повисоки од 2019 година.
-Ако ги собереме тие 59 милиони и овие 59 милиони оваа година, споредено со 2019 година тоа значи дека ќе се потрошат дополнителни пари за здравствена заштита од 118 милиони евра во 2020 и 2021 година кога имаме сериозна здравствена криза, а во исто време задолжувањето или дефицитот на буџетот, според проекциите на Владата, коишто јас ги спорам и мислам дека ќе е повисоко, е една милјарда и 600 милиони евра. Што значи дека лага е дека се инвестира во здравството, рече Николоски.
Тој низ бројки и факти објасни како се трошат парите на граѓаните и како што рече, како власта на Заев ги краде граѓаните.
• Приходите во буџетот се нереално проектирани
• Планот на расходите не рефлектира развојна димензија
• Буџетот нема одржливост
• Нема капитални проекти
• Здравството не е фокус во буџетот
• За само две години Владата и Заев ќе ги задолжат граѓаните за над 1 милијарда и 600 милиони евра
• Проектираниот дефицит на буџетот за само една година ќе изнесува 568 милиони евра
• Во 2021 година владата на Заев ќе потроши рекордни 510 милиони евра за плати на администрација
• Владата ќе потроши 347 милиони евра за стоки и услуги. Прашањето е каде ќе одат овие 347 милиони евра за кои генералниот секретар на Владата има дискреционо право како ќе ги потроши.
• Средствата предвидени за здравствена заштита се непроменети во однос на 2020 година. Во услови на сериозна здравствена криза нема зголемување на инвестициите во здравството.
• Во ставката „други трансфери“ се предвидени рекордни 641 милион евра. Со 50 милиони евра се гради нова болница во Република Македонија, оваа Влада ги троши за „други трансфери“ . Каде одат овие пари?
• Во капитални инвестиции се проектирани само 374 милиони евра. Клучното прашање е дали и овие 374 милиони евра ќе успеат да ги реализираат. За споредба во Косово се трошат околу 1 милијарда на капитални расходи.