Економија 20. декември 2020. / 21:40

Николоски: Во новиот буџет Владата ќе потроши историски најмногу пари за плати на администрацијата

Николоски: Во новиот буџет Владата ќе потроши историски најмногу пари за плати на администрацијата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на последниот ден од расправата за Буџетот за 2021 година истакна дека тој се сомнева во овој буџет и смета дека за многу брзо, како што рече, за неколку месеци од сега ќе гледаме ребаланс на буџетот кој што ќе има корекција и во приходната и во расходната страна или ќе има корекција во зголемување на дупката.

Образложувајќи како се трошат парите, Николоски буџетот го поедностави на износ од 1000 денари.

-Од 1000 денари, Заев на плати троши 127 денари. На ставката стоки и услуги, за кој никој не знае што се троши  86 денари. На социјални трансфери, купување социјален мир и за жал, поткупување на гласачи троши фантастични 487 денари. На поддршка на пензии троши 288 денари. На здравствена заштита само 139 денари. На други трансфери и црна дупка, која што ја коментирав досега и никој не знае за што се троши 159 денари, а на капитални расходи на инвестиции само 93 денари и во исто време се задолжува во вредност од 141 денар, поедностави Николоски и праша дали во било кое од вашите семејства можете да замислите ситуација во којашто се задолжувате дупло повеќе од тоа што инвестирате?

Според Николоски ова е начинот на којшто, како што рече, расипнички Владата ги даде парите, Заев ги краде парите поради што граѓаните ја напуштаат Македонија.

На почетокот од своето излагање Николоски рече дека македонските граѓани треба да знаат дека во 2021 година Владата ќе потроши историски најмногу пари за плати на администрацијата, наместо да се трошат тие пари во капитални работи, во инвестиции во училишта, градинки болници, мостови и патишта.

– Во 2021 за плати на администрацијата од којашто очекуваат да им гласа на следните локални избори Владата на Заев на СДСМ и ДУИ планира да потроши рекордни 510 милиони евра. Споредено, во 2008 година, во време на криза, се трошеле 339 милиони евра, а во 2011 година 376 милиони евра, оваа година ќе се трошат 510 милиони евра за плати, 20 милиони евра повеќе од 2020 година кога исто така е соборен рекорд со 490 милиони евра. Нема намалување на администрација, напротив има зголемување 510 милиони евра за плати, посочи Николоски.