Економија 04. ноември 2020. / 10:38

Николоски: Со новиот ребаланс ако Заев и Владата потрошат 1000 денари, само 84 денари ќе вратат кај стопанството

Николоски: Со новиот ребаланс ако Заев и Владата потрошат 1000 денари, само 84 денари ќе вратат кај стопанството

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување на Алфа телевизија зборувајќи за ребалансот на буџетот, кој синоќа беше изгласан во Собранието, рече дека од вкупниот буџет од 4,12 милјарди евра само 8,4 проценти ќе се потрошат за поддршка на стопанството и најпогодените од корона кризата.

Ако Заев и Владата потрошат 1000 денари, само 84 денари ќе вратат кај стопанството и кај оние кој што се најпогодени, што дава логично образложение зошто околу 40 илјади луѓе до денеска останаа без работа и некаде уште околу 20-25 илјади луѓе работат за минимална плата која што им беше скратена затоа што работодавачите не може да излезат во услови на криза. А, во исто време буџетот оди како во црна дупка и никој не гледа каде се пумпаат пари од буџетот ама дефинитивно не одат во стопанството и затоа имаме ваква катастрофална политика, рече Николоски.

Додаде дека никој не треба да се чуди зошто најрелевантните светски институции земјата ја ставаат на претпоследното место, пред Белорусија, за поддршка од страна на државата за стопанството и граѓаните во справувањето со корона кризата.

Според Николоски прва работа која требало да се направи е да се изградат објекти во делот на здравството, кои кога ќе помине кризата ќе останат да им служат на луѓето. Дополнителна награда за здравствените работници за нивна мотивација. Во делот на образованието да би се обезбеделе услови за онлајн настава, односно, купување на компјутери за сите деца и наставници, како и јасна дистинкција на помошта по сектори за, како што вели пратеникот, да нема вакви злоупотреби како што ги имаме.