Економија 25. март 2020. / 08:25

НБРМ им препорачала на банките да не исплаќаат дивиденди

НБРМ им препорачала на банките да не исплаќаат дивиденди

Народната банка испратила препорака до управните одбори на сите банки да не исплаќаат дивиденди за остварената добивка од лани. – дознава „Економски Лидер“.

Од НБРМ на банките им порачале дека поради економската криза која ја предизвикува вирусот „Ковид-19“ од нив очекуваат добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања.

По вртоглавиот пад на акциите на дел од банките на Македонската берза, ова ќе предизвика нови главоболки за акционерите кои веќе изгубија многу пари.

„Економски Лидер“ стапи во контакт со НБРМ од каде ни потврдија дека ваква препорака до банките постои, со цел да се обезбеди банките да имаат доволно пари во кризата која туку што почнува.

– Во рамки на интензивната комуникација со банките во овој период во врска со нивната подготвеност за справувањето со потенцијалните негативни последици од вирусот ковид-19, Народната банка им укажа дека очекува како и досега, тие да покажат високо ниво на прудентност, вклучително и при носењето на одлуките за распределба на добивката остварена минатата година. Притоа, нивните надзорни и управни одбори се известени дека како надлежен регулаторен и супервизорски орган очекуваме добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив. – велат за „Лидер“ од НБРМ.

Од Народна банка додаваат дека на банките им било укажано дека треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите коишто се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот ковид-19 врз домаќинствата и правните лица.

– Високото ниво на прудентност при носењето на одлуките за распределба на добивката ќе придонесе за натамошно успешно одржување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор, а со тоа и за одржување на финансиската стабилност. – стои во одговорот кој од НБРМ го дадоа за „Лидер“.

Оваа чувствителна информација може значително да наштети на цената на акциите на банките, ако се има предвид дека голем дел од акционерите со нетрпение чекаат на овие пари а има и такви кои секогаш ги реинвестираат истите во купување на нови акции.

Прва банка која ќе треба дали да подели дивиденда е Комерцијална банка АД Скопје, која има закажано акционерско собрание за наредниот четврток на кое ќе се одлучува околу ова прашање.

Нашата редакција испрати прашања до тимот за односи со јавноста на оваа банка за тоа дали менаџментот на собранието ќе предложи да не се исплати дивиденда за акционерите, но, до моментот на објавување на оваа статија од таму немаме одговор.