Правните и физичките лица ќе можат да вложуваат во недвижности и хартии од вредност во странство, соопшти Народна банка на Македонија. Ова е овозможено со преминување на земјата во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
– На 25 јануари годинава стапи во сила Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки. Преминот кон втората фаза од ССА овозможува не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари. Се олеснува и издавањето и регистрирањето странски хартии од вредност во земјава, како и на домашни хартии од вредност во странство. – се вели во соопштението од НБРМ.
НБРМ предупредува дека инвестирањето на странските финансиски пазари треба да се темели врз бројни информации.
– Се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, дека се добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски. Треба да се имаат предвид обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење кои се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите. – соопшти НБРМ.
Забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки и натаму останува во примена, велат од НБРМ и напоменуваат дека исклучок е од тоа се случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои што не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.