Фирмата на братот на пратеникот Крсто Мукоски, предновогодишно доби уште еден тендер од Министерството за образование вреден над 100.000 евра. Вевчанската фирма „Атриум“ треба да реновира основно училиште во Пробиштип. За рехабилитација пак на 13 училишта низ земјава Министерството за образование планира да потроши речиси 1,5 милиони евра поделени на вкупно 13 фирми. Инаку ова е шести тендер за шест месеци на фирмата на братот на Мукоски со што вредноста на бизнис зделките на „Атриум“ со државата се искачи на речиси 1,1 милион евра.
Најголема врева во јавноста крена тендерот кој го доби фирмата на Мукоски на почетокот на декември, од Државното станбено претпријатоие тежок речиси 700.000 евра. Бидејќи токму за претходните тендери од претходното раководство на Државното станбено претпријатие со „Атриум“ Генералниот секретар на Владата Драги Рашкоски побара истрага. Според дописот кој го испрати до МВР „постоеле индиции дека се користени дампинг цени за услуги за кои реално немало потреба, а за другите услуги цени кои повеќекратко се разликуваат од пазарните“. Но од Државното станбено претпријатие не гледаа ништо спорно што повторнок бизнисот го доделија на истата фирма, бидејќи за оваа фирма немало негативна референца на електронскиот систем за јавни набавки.
Од „Атриум“ пак постојано потенцираат дека законски учествуваат и ги добиваат државните тендери. А каде пак заглави истрагата која ја побара Рашковски, никој не знае. Во Обвинителство за ТВ 24 одговорија дека немаат добиено таков предмет. Од МВР не упатија на Финансиска полиција, а од таму повторно не вратија во Обвинителство. Во бизнис зделките на „Атриум“ со државата, склучени во последните 6 месеци се и други услуги за Министерство за образование за реконструкција на други училишта, потоа изведба на енергетско ефикасни училишни фасади за Град Скопје, а компанијата градела и прифатилишта за бездомни кучиња за Гевгелија и Струмица – тендер вреден околу 116.000 евра. Пратеникот пак на сега независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој гласаше за отворање на Уставот е еден од амнестираните пратеници за насилствата во Собранието на Крвавиот четврток.
Последната набавка доаѓа на само една недела пред гласањето за промена на името во Собранието.