Владата ги задолжи Министерствата за финансии и животна средина бараат заеми меѓународни финансиски организации за изградба на системи за управување со отпад. Но променет е првичниот план за бројот на регионални депонии и наместо планираните пет ќе се градат три.
Од Министерството за животна средина за Алсат велат дека наместо две во Југоисточниот и Вардарскиот регион ќе се гради една исто и во Пелагонискиот и Југозападниот регион. Третата депонија ќе се гради на Полог. Овие мдоерни регионални центри за управување со отпад ќе чинат повеќе од 55 милиони евра и со нивното отворање ќе треба да се затворат сите диви депонии низ земјава кои сега се над 1000. За ова е замислено да се земат заеми. Министерството планира да земе кредити од 16,6 милиони евра, а остатокот од парите, односно 38,7 милиони евра да ги добие како грантови преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Но, за ова треба најпрво треба да се направат студии за регионалните депонии кои се спојуваат,а за Полог се чека Социјална оценка за влијанието.
– Пристапот предвидува реализација на подобро собирање, транспортирање и отстранување на отпадот, а истовремено се одложува имплементацијата на софистицираните технологии за третман на отпад за во подоцнежната фаза (освен за компостарата) и истите се опфатени во физибилити студијата за Полошкиот регион. Опфатот на инвестициските проекти, вклучува изградба на претоварни станици и санитарна депонија во Русино, во целосна согласност со директивата на ЕУ за депониите и националното законодавство, велат од Министерството за животна средина.
За новите сега три регионални депонии планирано е догодина да се купат камиони за собирање отпад и контејнери. Само за нови камиони и контејнери догодина треба да се инвестираат 22 милиони евра.