Економија 12. јануари 2020. / 19:26

Министерот си го брани советникот заканувач: Бил пријателски муабет

Министерот си го брани советникот заканувач: Бил пријателски муабет

Министерот за земјоделство, Трајан Димковски, на прес-конференција во врска со објавената аудио снимка на порталот „Економски лидер“ обвини дека станува збор за обид на ВМРО-ДПМНЕ да се стави во одбрана на лица кои вршат криминални активности.

Димковски потврди дека на снимката се слуша разговор меѓу неговиот советник Томе Мојсовски со друго лице, но притоа напоменува дек воопшто не станувало збор за закани, туку за барање лицето да работи според законот. Како што соопшти министерот, лицето е инспектор кој требало да го следи концесионерот на Охридското Езеро, но тоа не го правел три месеци со што овозможил низа прекршувања.

– Вистината е следна. Се работи за разговор меѓу мојот советник Мојсовски и лице кое „Економски лидер“ не го обелоденува со име. Всушност, ова лице е директно задолжено и одговорно во име на Инспекторатот за земјоделство да го следи концесионерот на Охридското Езеро и да презема соодветни мерки за почитување и исполнување на обврските од договорот за концесија. На многуте состаноци, Езерската полиција ми предочи дека ова лице не си ја врши својата должност, дека одбегнува да соработува со Езерската полиција и дека три месеци воопшто не направило надзор на извршување на концесијата, поради што дошло до низа прекршувања. На аудио снимката јасно се слуша дека Мојсовски му посочува да постапува согласно законот и да не ги штити оние кои го кршеле законот во врска со концесијата на Охридското Езеро. Нема никаква закана – објасни министерот.

Според Димковски, минатиот месец до министертвото за земјоделство стигнал допис од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ во кој се посочува дека не се преземени активности од страна на Земјоделскиот инспекторат – Охрид и Струга во однос на контролите и концесионерот за откривање и спречување криминал.

Центарот алармирал дека токму концесионерот има вработно лица за стопански риболов кои се познати сторители на кривични дека како што се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со необележани пловни објекти учествувале во извршување кривични дела – криумчарење марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридското Езеро – изјави Димковски.

Сепак, иако за време на својата прес-конференција, Димковски тврдеше дека станувало збор за извршени криминални активности, тој не објасни зошто кога веќе бил свесен дека има извршено криминал, тој никаде не го пријавил тоа кривично дело. Со самото непријавување на кривичнотпо дело, Димковски во таков случај станува соучесник во тој криминал.

Инаку, претходно, „Економски лидер“ објави скандалозна аудио снимка од разговор помеѓу Томе Мојсовски, советник на министерот за земјоделие Трајан Димковски и лице вработено во инспектарот во Охрид.

На снимката се слуша како Мојсовски, кој важи за еден од најблиските луѓе до министерот, го уценува инспекторот од Охрид да укине одредена концесија, а доколку не го стори тоа го принудува да си поднесе оставка.

Скандалозно е што директно од кабинетот на министерот, спротивно на законите се бара укинување на концесија, а доколку инспекторот тоа не го стори му се предлага да си даде оставка.

Социјалдемократот Мојсовски, во мафијашки стил, на подредениот му вели:

-Ако тоа не го направиш земи поднеси барање и поднеси оставка. Друго немам што да ти кажам брат, додека не дојдат некои поголеми работи, значи те молам зради тебе и зради фамилијата, утре ќе се сретнеме, ти си младо дете, јас сум повозрасен, молимте значи две работи ти кажав, прво се да исчистиш и од се да се оградиш и второ ако не можиш да се оградиш барај си ќаре дете ова не е добро, ниту за тебе ниту за… – вели Томе Мојсовски во снимката.

Во дел од разговорот, уценувачот вели дека тоа го прави во име на министерот.

Инаку, Мојсовски е истакнат социјалдемократ, барем според она што може да се забележи на социјалните мрежи а во хиерархијата важи за еден од најблиските луѓе на министерот Трајан.

Во прилог целосниот транскрипт од разговорот, во кој се забележуваат сериозни кривични дела:

Лице: – Молим
Томе Мојсовски: Јоване
Лице: Еј
Томе Мојсовски: Што правиш
Лице: Повели Томе
Томе Мојсовски: Што правиш
Лице: Добар сум еве овдека во Охрид
Томе Мојсовски: Овде не слушам за некој број
Лице: да, да овој
Томе Мојсовски: Па не можам да го отворам телефонот тој ми е на …
Лице: овој го користам да ти кажам, другиот не
Томе Мојсовски: имам неколку работи што мораме да ги расчистиме пот итно
Лице: што требит, повели
Томе Мојсовски: Има две работи. Први работа е или да фатиш да ја средиш комплет постапката со надзорните контроли
Лице: Добро
Томе Мојсовски: А втората работа е ДА СИ ДАДИШ ОСТАВКА да не настанат поголеми промени тоа што те коментираат најдругарски ти го кажувам е голема опасност.
Лице: Кој к*р коментирање
Томе Мојсовски: Ова ти го кажувам другарски, јас не сум човек што сум те мразам, ниту пак сакам да те мразам …………….
Лице: Добро
Томе Мојсовски: Тоа што зборуваат дека имам против тебе нешто, јас немам, ова не би ти го кажал ако имав нешто против тебе
Лице: Добро
Томе Мојсовски: направи …………….. и од се да се оградиш и под итно да ја скиниш концесијата на концесионерот. Второ ако тоа не го направиш земи поднеси барање и поднеси оставка. Друго немам што да ти кажам брат, додека не дојдат некои поголеми работи, значи те молам зради тебе и зради фамилијата, утре ќе се сретнеме, ти си младо дете, јас сум повозрасен, молимте значи две работи ти кажав, прво се да исчистиш и од се да се оградиш и второ ако не можиш да се оградиш барај си ќаре дете ова не е добро, ниту за тебе ниту за …………… ниту за ………, ниту за државата наша. Значи ни бевме кај градоначалникот, бевме секаде, значи секаде си Јоване мој злато влезен, секаде си спомнуван Јоване, ти си дете младо, барај ќаре, јас ќе те поддржам ако поднесеш барањето за …………., јас ќе те поддржам нема никој да те чепне, а другото брат јас нема да те поддржам. Тоа другото нема јас да ти го поддржам. Молимте
Лице: чекај сега тоа е ако …
Томе Мојсовски: не чекам јас ти кажав
Лице: си правиме сега муабет
Томе Мојсовски: ќе правиме муабет кога ќе дојдеш у Скопје
Лице: готово во Скопје
Томе Мојсовски: ајде здраво
Лице: Ајде