Економија 13. јули 2019. / 17:02

Милевски: Седум милиони евра се обезбедени од ИПА инструментот на ЕУ

Милевски: Седум милиони евра се обезбедени од ИПА инструментот на ЕУ

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова вчера во Софија ги доделија договорите за финансирање 17 нови проекти од програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Вкупната вредност на проектите е седум милиони евра од кои 85 отсто се обезбедени од ИПА инструментот на Европската Унија, а 15 отсто од Буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа.

Проектите се имплементираат во три области. Три проекти се во областа на конкурентноста, осум за развој на туризмот, а шест проекти за заштита на животната средина. Проектите ќе се реализираат со партнери од двете страни на границата, а нивната вредност се движи од 120.000 до 590.000 евра по проект, соопшти Министерството за локална самоуправа.

Министерот Милевски им честиташе на носителите на проекти и им посака успешна имплементација.

Соработката во регионот, градењето на добрососедски односи, зближување на луѓето и нивно вмрежување, како и подобрување на квалитетот на живеење во пограничниот регион се огромни придобивки, уште повеќе што во целиот процес се вклучени на голем број на субјекти и луѓе од двете страни на границата. Владата на Република Северна Македонија останува посветена на процесот на интегрирање на земјата во ЕУ, а тоа значи градење на европски вредности и стандарди и во тој контекст ни е исклучително важна прекуграничната соработка со сите наши соседи, рече Милевски.

Министерката Аврамова изјави дека настанот е од исклучителна важност за постигнување на крајната цел на програмата, затоа што средствата се доделуваат на најквалитетните проекти во интерес на граѓаните од регионот, а секој реализиран проект придонесува за постигнување на планираните резултати.

На церемонијата присуствуваа носителите на проекти од двете земји, а претходно министрите Милевски и Аврамова разговараа за подобрување на ефикасноста и транспарентноста во имплементацијата на проектите за прекугранична соработка.