Економија 08. декември 2020. / 18:29

Македонија во рецесија, заемите од една милијарда евра фрлени во празно

Македонија во рецесија, заемите од една милијарда евра фрлени во празно
Stock exchange market is falling. Red arrow graph is showing a fall on a black trading board. Selective focus. Horizontal composition with copy space.

Македонија и официјално веќе е во рецесија, македонската економија ги живее најтешките денови од нејзиното осамостојување. Имено, вчера Државниот завод за статистика соопшти дека домашната економија доживеа пад од 3,3 отсто во третиот квартал од годинава.

Ова следува откако во првото тримесечје бруто домашниот производ на земјава доживеал раст од само 0,9 отсто, додека, пак, во вториот квартал, кога ударот од кризата беше најголем, минусот во економијата изнесувал дури 14,9 отсто.

Значи, кога во два квартала едно по друго се бележи пад на економијата, тоа значи дека таа и официјално е влезена во рецесија.
Како што е познато, првичните податоци на државните статистичари говореа дека БДП во вториот квартал паднал за 12,7 проценти, но сега тој показател е ревидиран и е уште полош од претходниот, а покажува дека во второто тримесечје сме имале негатива кај БДП од дури 14,9 отсто. Или, во месеците април, мај и јуни, домашната економија се струполила за близу 15 проценти. Овој пад не е забележан уште од 2001 година, кога нашата држава се соочи со воен конфликт.

И покрај тоа што власта зема нови заеми од околу една милијарда евра, пари кои требаше да помогнат во справувањето со економската криза и требаше да го ублажи ударот кој врз економијата го зададе пандемијата со корона вирусот, се гледа дека не го дале посакуваниот ефект. Тие средства, по се изгледа дека не се распределени како што треба и парите не стигнале кај оние дејност или стопанственици на кои оваа државна помош и беше неопходна.

Иако влада до сега има проектирано четири сет на мерки за помош на стопанството и граѓаните, многу е ниско нивото на нивна реализација. Освен картичките “Купувам домашно“, со кои се поттикнуваше директната потрошувачка, ниту една друга мерка не е целосно реализирана. Инаку, од првите три пакет економски мерки во вредност од 550 милиони евра, искористени се само околу 200 милиони.

Имено, за ова реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, при што претседателот Христијан Мицкоски, уште за време на најавата за четвртиот пакет рече дека од третиот пакет мерки реализирани се само платежните картички, кои меѓу другото на власта им послужи за поткуп на гласачи, затоа што беа доделени непосредно пред предвремените парламентарни избори во јули месец.

Со ревидирани и полоши проекции за македонската економија излезе и Народна банка од каде што велат дека домашната економија годинава ќе падне за 4,9 отсто. Ова е најновата ревидирана проекција на Народна банка на Македонија, откако таа во април очекуваше домашната економска активност да има негативна стапка на економски раст од 3,5 отсто, бидејќи тогаш се очекуваше пократкорочен карактер на здравствената криза предизвикана од ковид 19.

Главна причина за ова, како што соопшти гувернерката, Анита Бежоска Ангеловска, е што закрепнувањето кое се очекуваше во втората половина на годинава не се случи, поради вториот бран на пандемијата со корона вирусот.