Економија 24. октомври 2019. / 10:33

Македонија паднала 7 места на Doing Business 2020 – Сега е 17 во светот

Македонија паднала 7 места на Doing Business 2020 – Сега е 17 во светот

Македонија бележи пад од 7 места на најновата листа на Doing Business 2020, објавена денеска од страна на Светската банка, јавуваат медиумите. Минатата година Македонија беше на 10-тото место.

Но, и покрај тоа, Македонија се наоѓа во најдобра позиција од земјите на Балканот. Така, според најновото рангирање, Словенија е 37, Србија 44, Црна Гора 50, Хрватска 51, Романија 55, Бугарија 61 и Грција 79.

На чело на листата одново е Нов Зеланд, а следуваат Сингапур, Хонгконг, Данска, Јужна Кореја, САД, Грузија, Норвешка и Шведска. На дното, пак, остануваат Сомалија, Еритреја, Венецуела, Јемен, Либија и Јужен Судан.

Десетте држави, кои најмногу ја подобриле бизнис-климата се Саудиска Арабија, Јордан, Того, Бахреин, Таџикистан, Пакистан, Кина, Индија и Нигерија.

Истражувањето ги оценува реформите воведени во десет области на бизнис активностите во 190 светски економии за период од 12 месеци. Рејтингот се одредува врз основа на критериуми како почнување бизнис, добивање дозволи за градба, достап до електрична енергија, регистрирање на сопственост, плаќањето даноци, прекуграничната трговија, почитување на договорите, достап до кредитирање, како и заштита на малцински инвеститори.