Економија 05. август 2019. / 15:54

Македонија на дното: Просечната плата најмала во екс-Ју државите

Македонија на дното: Просечната плата најмала во екс-Ју државите

Македонците ги заработуваат најниските плати од сите земји во поранешна Југославија, објави Канал5.

И покрај неколкукратните зголемувања, последните податоци ја прикотвија земјава на дното во регионот со најниска просечна плата од 413 евра.

Во Словенија просечната плата е два и пол пати повисока од нашата – со 1.113 евра го држи лидерското место во регионот. Втора е Хрватска а по неа следуваат Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

ПРОСЕЧНА ПЛАТА ВО РЕГИОНОТ

1. СЛОВЕНИЈА – 1.113,88 евра

2. ХРВАТСКА – 886 евра

3. ЦРНА ГОРА – 516 евра

4. БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА – 472 евра

5. СРБИЈА – 470 евра

6. МАКЕДОНИЈА – 413,67 евра

Наспрема фалбите на власта за растот на платите и алармирањата на опозицијата за економски колапс, граѓаните велат дека се мачат да преживеат од први до први секој месец. Скептични се дека најавуваниот просек од 500 евра е достижен.

Според Статистика, просечната плата во мај изнесувала 25.270 денари. Споредбено со мај минатата година, таа пораснала за 761 денар, а во споредба со 2017 истиот месец забележала скок од 2.381 денар.

Власта најави ново покачување на минималната плата за која премиерот е оптимист дека може да надмине 13.000 денари. Воедно, како една од понудите кон работодавачите за да го стимулираат растот на платите е државата да ги покрива социјалните придонеси на компаниите.