Економија 01. август 2020. / 10:42

Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа

Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа

Сметките за електричната енергија за следниов месец граѓаните ќе ги добијат повисоки за 7,4 проценти. Вчера првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимовски уверуваше дека тоа нема значително да се одрази врз буџетот на потрошувачите и дека со барањата на енергетските компании струјата требала да поскапи околу 23 проценти, но Регулаторна тоа не го прифатила, а отфрлено е и барањето за укинување на евтината струја.

СДСМ чекаше да поминат изборите и да ја поскапи струјата и го брани ваквиот потег со тоа што тврдат дека и со корекцијата на цената нашата земја и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостувањето на „Алфа“ телевизија рече дека како општество кое што се соочува со голем број на отворени горливи проблеми, едноставно не се фокусираме на големата слика, односно таа не е ниту на видикот.

Република Македонија не се соочува само со политичка криза, туку тука се уште пострашните кризи, односно економската и здравствената. Се повеќе се зборува за можните коалиции, формирањето на ново парламентарно мнозинство, а не се обрнува внимание на она кое што секој ден ја турка државата во бездната. Здравствената криза предизвикана од Ковид-19 вирусот која што резултира за жал и голем број смртни случаи е во моментов главната точка на која што мора да се посветиме максимално, а потоа веднаш на економската криза која што е длабоко навлезена во бездната и само со сериозни мерки и чекори ќе може да се стабилизира и да застане на нозе, рече Мицкоски.

Граѓаните на Република Македонија се соочуваат со лош животен стандард, сериозни секојдневни проблеми кои ги спречуваат во секојдневниот живот, се соочуваат со огромна сиромаштија, но за тоа во моментот никој не зборува, додава Мицкоски.

Дефокусирањето од реалните проблеми се манипулации на кои што мора да им дојде крајот. Политиката е политика, но реалноста е дека граѓаните на Република Македонија имаат сериозни проблеми кои што мора да се решат. Едни од нив се здравствената и економската криза, кои во моментот се повеќе од круцијални, заврши Мицкоски.

СДСМ ги изманипулира граѓаните со зголемувањето на цената на струјата кое се најавуваше и пред изборите.

Ваквото покачување е резултат на ЕЛЕМ и МЕПСО. Што од друга страна е показател на нестручниот и недомаќински начин на управување со овие државни претпријатија, смета Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

На поскапувањето на цената на струјата реагираше и економскиот аналитичар и поранешен советник во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ,  укажувајќи дека другите држави за време на криза ги намалувале трошоците за граѓаните.

Шпанија за времетраењето на кризава обезбеди гарантиран пристап до струја, вода и гас за сиромашните, дури и ако не плаќале сметки. Италија ги суспендираше сметките за струја, гас, вода и ѓубре на 2 месеци. Белгија им даде на домаќинствата до 100 евра за сметки за струја и 75 евра за сметки за гас. Словенија ја намали цената на струјата за домаќинствата и малите фирми за 20%. Кипар ја намали цената на струјата за 10% на 3 месеци. Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа, напиша Јовановиќ.