Корона вирусот се шири бргу, на жители од Кина повеќе не им е дозволено да ги напуштаат своите градови, но за пратките што доаѓаат од Кина не е одреден „карантин“, односно задржување. Со оглед на тоа дека граѓаните масовно нарачуваат производи од Кина, особено преку интернет-платформите како „Али експрес“, постои загриженост дали корона вирусот може на тој начин да дојде во Македонија.
Досега не е објавено дека има случај или доказ дека вирусот може да се пренесе преку пакет, а состојбата со корона вирусот засега не се одразува на обемот на нарачки од Кина кај нас.
Според македонски Пошти, операторот преку кој кај нас стасуваат најголем број од пратките, состојбата со коронавурусот засега не се одразува со обемот на таквите нарачки.
– Во изминатиот период не е забележана тенденција на намалување на пристигнати пратки од ‘Али експрес’ и според вообичената динамика се доставуваат и се подигнувааат пратките од страна на нашите корисници – велат за МИА од Пошта, операторот преку кој стасуваат најголем број од пратките преку „Али експрес“.
Од Светскиот поштенски сојуз и надлежното Министерство за здравство, како што укажуваат, немаат добиено информација за понатамошно постапување заради корона вирусот.
Проблеми со кинеските пратки во Хратска и Србија
За разлика од кај нас, како што пишува „Слободна Далмација“, жители на Сплит изјавиле дека пратките првин ги стерилизираат, а има и такви кои подолго време ги чуваат на страна.
Како што објавија медиумите, изминатата недела Хрватска пошта престана да испорачува мали пакувања од Кина, каде што се појави корона вирусот, поради што повеќе од 250.000 нарачани пакети се во мирување.
– Иако авиокомпаниите првенствено ги прекинаа летовите заради патниците, тие не можат да стигнат и до Хрватска – информираат од Хрватски пошти, откако добиле известување од КЛМ, „Луфтханза ЛХ“ и „Туркиш ерлајнс“ дека тие ги прекинале летовите кон Кина за да го спречат ширењето на корона вирусот и оти тоа ќе влијае на испораката на пратките.
Претходно и Јавното претпријатие Пошта на Србија ги инфорира своите корисници за промени во деловната соработка со Кина поради откажаните летови како резултат на коронаворусот.
– Пошта Србија е информирана од авиопревозниците Луфтханза и ЛОТ дека заради превенција од опасноста за ширење на корона вирусот летовите кон Кина се откажани и тоа ќе влијае на вообичаеното поштенско работење во размената на пратките. Поради тоа ги молиме корисниците на услугите на Пошта Србија за разбирање, а за сите промени ќе ве информираме навреме – се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Пошта Србија.
СЗО: Нема ризик од писмата и пакетите од Кина
Светската здравствена организација на почетокот на месецов соопшти дека примачите на пратки и писма од Кина не се изложени на ризик од зараза од корона вирус.
– Според последните анализи вирусот не живее долго на површината на предметите, како што се писма или пакети – објави СЗО.
Како што истакна на прес-конференција директорката на Центарот за имунизација и респираторни болести Ненси Месони, овој вирус не може да преживее на површина на предмети и „многу е мал ризикот вирусите да се рашират од пакувањето на пакети кои патувале со денови или недели на собни температури“. На пратките од Кина им се потребни најмалку два дена за да стасаат на која било адреса и според експертите, шансите со нив да стаса коронавирус се речиси никакви, наведе Месони.
Стравот од неизвесноста од ширењето на корона вирусот изминатиот период тешко ги погоди берзите во Кина каде што акциите загубија 420 милијарди долари од основниот фондов индекс. Инвеститорите распродаваа акции и јуани, а трговијата на берзите требаше да биде прекината поради уривање под прагот што се смета дека е почеток за паника. Масовното обезвреднување се случи и покрај тоа што Централната банка на Кина соопшти дека ќе „инјектира“ 174 милијарди долари за ликвидност во финансискиот сектор.
Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ објави дека ќе мора привремено да ги затвори своите продавници во Кина поради епидемијата на коронавирусот, кој има негативен ефект на продажбата. Слични затворања има и во мрежата на продавниците за франшизата, соопшти групата „Херкогенара“.
Американскиот ривал „Најки“ изјави дека во краток рок очекува големо влијание на своите активности во Кина, каде што исто така ги затвора продавниците.