Кумановските советници на денешната седница, наместо да гласаат за предлог одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово од милион евра за набавка на опрема, во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги, изгласаа нацрт одлука која ќе оди на јавна расправа пред граѓаните.
Кумановци наредните 15 дена ќе одлучат дали е потребно да се набави опрема за четири јавни претпријатија од градот. Деветнаесет советници гласаа за, а петмина беа против. Четириесет и петтата седница на Советот на општината помина со дебата и долга пауза која ја водеа советниците од опозицијата и предлагачот, градоначалникот Максим Димитриевски кој ја преформулираше одлуката од предлог во нацрт одлука.
Седницата почна со единствена точка – Предлог одлука за одлуката за долгорочно домашно задолжување која ќе се оствари преку потпишување на договор за под заем со Министерството за финансии преку повик за подобрување на општински услуги со заем од Светска Банка, од над 63 милиони денари со финансирање на капитални проекти односно набавка на опрема (ровокопачи, пајак возило, градежни машини, машини за чистење снег и друга механизација) за кумановските претпријатија „Чистота и Зеленило“, „Водовод“, „Куманово-Гас“ и „Куманово-Паркинг“.
Координаторот на проектот од Секторот за евроинтеграции од општината, Маја Петровска информираше дека пред две години советниците донеле одлука за намера за задолжување и додаде дека износот на заемот е 63 754 712 денари, каматна стапка е еден процент, времетраење на заемот е 13 години, со грејс период од три години. Таа кажа дека преку реализација на проектот ќе се подобрат услугите кои претпријатијата ги даваат на граѓаните, ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата, ќе се генерираат заштеди.
Советниците од опозицијата реагираа и не се согласија со овој предлог. Координаторот на советничката група, предводена од ВМРО ДПМНЕ, Драган Петковски, рече дека не е спорно што ќе се набави опрема, но дека е неблагодарно што општината се задолжува во период во кој состојбата се менува од ден на ден
Мислам дека во овој момент да се врши задолжување со рок на враќање од десетина години е во најмала рака ризично и непромислено, рече Петковски.
Советникот од опозицијата, Зоран Петрушевски, пак, рече дека како предлог, одлуката ќе падне на суд, бидејќи е спротивна од Законот за финансирање на единици на локална самоуправа и е неопходно да се одржи јавна расправа.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски рече дека и претходно имало форумски сесии и секогаш граѓаните барале решавање на сообраќаен метеж, подобра инфраструктура, подобра хигиена, целосна гасификација, водоводна и канализациска мрежа. Тој истакна дека четирите претпријатија имаат стара и амортизирана опрема, а со новата би се направиле заштеди, веќе нема да се даваат средства на други фирми за повеќе дејности. Заштедените средства, како што рече тој, ќе се вложат во набавка на опрема, подземна, надземна инфраструктура.
Се создаде можност преку Министерството за финансии до Светска Банка да дојдеме до евтини средства, три години нема да враќаме, а десет години ќе се отплаќа, проектот е оценет на највисоко ниво, со под еден процент камата на годишно ниво и можност да се добие грант од 20 до 27 проценти за дополнителни проекти за вложувања за инфраструктура. Вакви кредити се ретки, борбата помеѓу општините беше голема, образложи Димитриевски.
Тој кажа дека Куманово е најликвидна општина во моментов, дека нема долгови и дека општината секогаш работела транспарентно, но и дека ќе ги послуша потребите на кумановци на јавна расправа.