Економија 17. март 2020. / 10:16

Корона вирусот ги затвори сите гранични премини и Скопскиот аеродром

Корона вирусот ги затвори сите гранични премини и Скопскиот аеродром

Владата на синоќешната седница одлучи во рок од 48 часа да се затврои Меѓународниот аеродром Скопје и граничниот премин на аеродромот, да се затворат сите гранични премини за влез на странски државјани, а железничкиот транспорт да го укине бесплатниот превоз на патници.

Одлуките следеа по насоките од состанокот на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот Ковид 19.

Според заклучокот на Владата, Меѓународниот аеродром Скопје ќе биде затворен, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и легови без патници, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија. Претходно, со одлука на Владата, како превентивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот  беше затворен и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Како што одлучи Владата на синоќешната седница, зе затвораат сите гранични премини за премин на странски државјани – патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор во државава, како и за други лица, за кои МВР ќе даде дозвола.

Железници на РСМ, Транспорт АД Скопје, пак, по принципот на донесените одлуки од ЈСП Скопје, треба времено да ги прекине мерките кои се однесуваа на бесплатните билети и бесплатниот превоз за возрасни лица. Претходно, ЈСП Скопје ги укина бесплатните билети за учениците и пензионерите и сообраќа во возен ред како во тек на зимскиот распуст.