„ИГМ Еленица“ – Струмица е едно од претпријатијата што добија државна помош за исплата на минимални плати за време на кризата предизвикана од корона вирусот. Со акционерско друштво за индустрија за градежни материјали управува братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев, додека Вице Заев, братот на актуелниот претседател на владејачкиот СДСМ, е Член на Управниот одбор, пишува порталот „фактор.мк“
„Отворени финансии“ покажа дека на 14 мај на сметката на ИГМ Еленица од Владата на РСМ и биле исплатени 841.000 денари државна помош за плати за месец април. Пресметано, тоа се минимални плати од 14.500 денари за 58 вработени.
„ИГМ Еленица“ произведува високо квалитетни тули и производи од глина за изградба на домаќинства и комерцијални градби неколку децении. Главно го снабдува домашниот пазар со високо квалитетни керамички блокови и има тенденција да го проширува бизнисот на пазарите во Косово, Србија, Албанија, Бугарија и Грција.
Главната мерка од економскиот пакет на Владата во справувањето со економските последици од корона-кризата e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април, мај и јуни од сите фирми погодени од кризата, при тоа услов е тие да имаат намален приход за најмалку 30 отсто.
Според Владата, уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор е погодна дури за 87 отсто од компаниите и ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.
„Еленица“ во 2018 година беше компанија со најголема добивка во Струмица. Со приходи од 5,16 милиони евра оствари добивка од 2,7 милиони евра, најмногу поради продажбата на дел од уделот што туланата го имаше во светиниколксата компанија МАМ, лиценцирана за производство на масло од канабис.
Државни пари во висина околу 106.000 евра, преку оваа мерка легнале и на сметката на „Брако“ од Велес, каде што се врати поранешниот вицепремир Кочо Анѓушев откако одлучи да се посвети на бизнисот наместо на политиката.
Таквото делење на пари се најде под лупата и на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). За антикорупционерите е спорно што фирми со добра финансиска состојба се пријавиле и добиле државна помош, од една страна, а од друга, фирми што ги исполнуваат критериумите биле одбиени.
За Антикорупциска е спорно и учеството на Кочо Анѓушев во советодавното тело на Министерството за финансии формирано на почеток на падемијата, затоа што негови фирми, исто така, добиле финаниска помош.
Тој како советник може да влијае во утврдувањето на критериумите за мерките, за после од другата страна да се јавува како корисник на истите. Тоа веќе го видовме во една ситуација кога учествуваше во донесување на одлука на Влада, каде што понатаму, бенефитите ги имаше неговата фирма. Во таа насока би одело разгледувањето на предметот – изјави претседателката на ДКСК – Билјана Ивановска
.