Компаниите нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку ги инвестираат во наредниот период за раст и развој, без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината.
Ова е новина во петтиот пакет антикризни мерки што денеска ја објави министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата во Владата на која беше презентиран најновиот пакет економски мерки.
– Новината која овој пакет ја носи е дека без разлика дали покажуваат загуба или успех, 50 проценти од субвенциите согласно законот треба да го вратат следната година, освен доколку тие средства ги инвестираат во раст и развој во наредниот период. Фокусот е на инвестициите и растот покрај поддршката на закрепнување на економијата и на приватниот сектор, рече Бесими.
За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март предвидени се 1,92 милијарди денари. Се очекува месечно да бидат опфатени по 60 илјади работници, а финансиската поддршка ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари по вработен.
Како критериум за доделување на мерката ќе биде економснкиот резултат, односно падот на приходите во ноември и декември 2020 и јануари 2021 во однос на ноември и декември 2019 и јанаури 2020 година.