Економија 03. април 2020. / 20:31

Комерцијална Банка не ја послуша НБРМ: Подели дивиденда од 550 денари по акција!

Комерцијална Банка не ја послуша НБРМ: Подели дивиденда од 550 денари по акција!

Владата ја смени Уредбата па акционерските друштва може да одржуваат годишни собранија, а со тоа да носат и одлуки за поделба на дивиденда. Прва уште вечера кога владината одлука излезе во Службен весник, можноста ја искористи Комерцијална банка и го одржа годишното акционерско собрание. Донесена е и одлуката за поделба на дел од ланската добивка во дивиденда за акционерите.

Минатата година Комерцијална банка имаше добивка од 1,98 милијарди денари, или нето добивка од  1,8 милијарди денари по одбитокот на данокот на добивка од 179,9 милиони денари Од вкупната добивка, за резерви се оставаат 553 милиони денари, а за дивиденда се 1,3 милијарди денари.

Секој акционер впрочем добива по 550 денари по акција.

Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2019 година е 21 април, а прв ден на тргување без право на дивиденда за 2019 година е 22 април. Исплатата на дивиденда за 2019 година ќе започне на 29 април.

Народната банка, на 25 март, испрати препорака до управните одбори на сите банки да не исплаќаат дивиденди за остварената добивка од лани.

Од НБРМ на банките им порачале дека поради економската криза која ја предизвикува вирусот „Ковид-19“ од нив очекуваат добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања.