Економија 03. април 2020. / 13:44

Комерцијална банка ќе исплати дивиденда од 550 денари по акција

Комерцијална банка ќе исплати дивиденда од  550 денари по акција

Со новата Уредба за примена на Законот за трговските друштва (Службен весник на РСМ бр.87/2020) се исполнети законските услови и Комерцијална банка АД Скопје на 02.04.2020 година го одржа своето редовно Годишно собрание, на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција, информираат од Комерцијална банка АД Скопје.

Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2019 година со бруто-добивка во износ од 1.986,7 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 179,9 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 1.806,8 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.806,8 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 55% од номиналната вредност на акцијата, односно по 550 денари на една акција. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 553 милиони денари да се издвои во резерви.

Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2019 година, како и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2019 година и повторно ги избра членовите на Надзорниот одбор на Банката за следните 4 години.