Економија 08. јануари 2020. / 13:59

Одлуката на Владата за изградба на дистрибутивниот гасоводен систем во Македонија – една од најскапите политички реклами за изборите на 12 Април

Одлуката на Владата за изградба на дистрибутивниот гасоводен систем во Македонија – една од најскапите политички реклами за изборите на 12 Април

Пишува: Крсте Миладинов, дипл. електро инженер, експерт за природен гас

И покрај бројните ветувања за гасификација на Македонија од страна на СДСМ за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година и локалните избори во 2017 година, резултатите се уште ги нема, дури не се ниту на повидок. Во исчекување на предвремени парламентарни избори, пропагандната машинерија на власта наголемо е активирана. Наеднаш, на 172 седница на Владата на Република Македонија, Владата донесе одлука да се објави тендер за изградба на дистрибутивна мрежа по пат на јавно приватно партнерство.

А што се случуваше во времето на владеење на СДСМ на полето на гасификацијата:

Прв чекор кој го направи СДСМ со преземењето на власта после 2016 беше поништување на огласот за изградба на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Македонија,  со што директно се закочи процесот на гасификација на Македонија. Со овој чекор Заев ја блокира целата гасификација цели три години. Исто така бесцелна е изградбата на магистрални гасоводи до Кавадарци, Прилеп, до Битола, Гостивар, Тетово…. , ако нема изграден дистрибутивен систем, бидејќи ако нема кој да троши гас залудно сме граделе магистрален гасовод до градовите.

Заев и СДСМ критикуваа се што изработи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека тоа не чини и дека е грешно, а дека убаво е единствено како што прави Заев. Само локални гасоводи раководени од локални моќници по примерот на Струмица со ветување дека тие ќе градат дистрибутивни мрежи.

Откако потрошија три години во критики и плукање, повторно го враќаат проектот од ВМРО-ДПМНЕ, но со прекин од три години. И сега после толку изгубени години најавуваат дека ќе започнеле постапка според истиот концепт кој претходно го критикуваа и оспоруваа.

Изминативе три години СДСМ ги искористи за поигрување со чувствата на граѓаните и нивните очекувања за користење на едно од најчистите и најевтините горива, од време на време најавувајќи различни и контрадикорни ветувања, според кои најпрво општините ќе ги граделе дистрибутивните мрежи, па потоа дека тоа ќе го правела државата преку јавно приватно партнерство, па обратно, и се така до недоглед.

За да биде ветувањето поубедливо дека општините ќе градат дистрибутивни мрежи, градоначалниците на  Штип, Битола, и Тетово почнаа да најавуваат дека започнале да изработуваат проекти, што е дополнително перење на пари. Сега наеднаш, сето тоа не важи, па наново ќе почнеле да проектират, и тоа за цела Македонија. За неоправдано потрошените пари некој ќе треба да одговара и да ги врати на граѓаните.

Очигледно е намерното закочување на процесот на гасификација на Македонија од страна на Зоран Заев со една очигледна цел: граѓаните да не можат да ги користат придобивките што ги носи природниот гас и место тоа да се користи скапата струја и нафта, а не еколошкиот природен гас.

Сегашната најава за објавување на тендерот за изградба на дистрибутивна мрежа по пат на јавно приватно партнерство е поради предвремените парламентарни избори, но не со цел да биде реализиран, туку да послужи како политичка реклама. Оваа е скапа политичка реклама бидејќи ја преплаќаат граѓаните веќе подолго време преку повисоките трошоци поради неискористување на гасот.

Вака функционира концептот за дистрибуцијата на природен гас во Република Македонија на оваа гарнитура, концепт од кој досега нема ни реализација, ниту резултати. Доколку процесот не беше закочен, сега веќе изградбата ќе беше започната и завршена, а граѓаните ќе ги уживаа бенефитите на природниот гас последните три години.