Дали позади јавното приватно партнерство за акцизните стоки, се крчка нов милионски бизнис со бандероли?
Откако медиумите објавија дека Владата веќе подолго време го турка проектот за „јавно приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра“ Заев вчера ја потврди информацијата со образлозение дека тоа ке биде добра алатка во борбата против сивата економија.
Царинската управа е против ваков проект, кој всушност значи одземање на нејзините надлежности и работа, но поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е упорен во тоа овој проект да се спроведе.
Според информациите од медиумите повеќе државни институции се против овој проект (Царинската управа, МВР, Агенцијата за национална безбедност…), оттука не е јасно зошто владините служби се упорни во тоа да се проба со вакво јавно приватно партнерство (ЈПП). Овој проект еднаш веќе бил повлечен од владина седница.
Ваквото ЈПП всушност значи одземање на надлежностите на царината и префрлање на дел од нив за акцизните стоки (цигари, алкохол, гориво…) на некоја приватна компанија. Прашањето е едноставно – зошто би влегувале во ваква авантура кога тоа го работи токму царината, а според сите извештаи тоа и успешно го прави. Информација за ова добила и Канцеларијата на ЕУ во Македонија за усогласеноста со правото и практиката на Европската Унија.
Премиерот Зоран Заев вчера ја потврди информацијата дека веќе подолго време се подготвува проект за јавно приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра.
Ова е предлог на Владата, мој предлог, предлог на Економскиот совет, на економските министри, а не на поранешниот генерален секретар на Владата. Се работи за алатка за борба против сивата економија и даночната евазија. Се разбира системот ќе биде под контрола на Царинската управа. Проценката е дека во Македонија даночната евазија е 30 отсто. Проценката на ММФ е дека тој процент е 37 отсто или 1,4 милијарди евра. Тоа се пари кои мора да ги вратиме во буџетот. Се избегнуваат давачките за тутунот, на алкохолот… Трак енд трејсинг системoт ќе овозможи преку код да се следи секоја акцизна стока. За нафтата предвидени се нано честици во резервоарите со конечна цел државата да ги наплати сите пари и против нелојалната конкуренција. Предвидуваме трак едн трејсинг систем и за лековите иако тоа не е акцизна стока. Постојат приватни компании, мултинационални компании кои тоа го спроведуваат. Мора да ја спречиме акцизната евазија. Целта на овој систем е унапредување на борбата против сивата економија, рече Заев образложувајки дека така ќе се сузбие сивата економија.
Вчера пак на владина седница беше усвоена и одлука во рок од 60 дена да се усогласат сите правни отворени прашања.
За реализација на овој систем ќе се изберат приватни партнери по пат на јавно приватно партнерство.
Премиерот вчера објасни дека ваквиот систем ќе биде добар за унапредување на борбата против сивата економија. Конечните цели, според него, покрај тоа се и наплата на даночната евазија која што сега ја има, односно се избегнуваат одредени давачки и тоа ќе влезе во целиот систем.