Придонесите ќе се зголемат за 0,5% за да се намали дупката во пензискиот фонд од 310 на 275 милиони евра годишно. И додека постојано расте дупката во пензискиот фонд, Владата од година в година префрла се повеќе пари за редовна исплата на пензии.
Покрај ваквата статистика, министерката Мила Царовска вели дека пензионерите може да бидат мирни. Пензиите ќе продолжеле да растат, а нема да има зголемување на старосната граница. Таа презентираше реформи во пензискиот систем кои ќе овозможат стабилна исплата на пензиите и одржливост за 50 години. На 28.000 граѓани ќе им се овозможи од вториот пензиски столб да се вратат во првиот.
– Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние коишто се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба. Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии- рече министерката за труд и социјала Мила Царовска.
Царовска вели дека се зголемува и процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1%, а за жени од 0,86 на 1,14%.
– Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30% од платата. Со новиот систем којшто го воведуваме ќе добијат 40% од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери- рече Царовска.
Пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно како што е законски регулирано со растот на трошоци на живот. Ако во претходната година има раст од 4% на БДП има дополнително усогласување во истата година. Статистиката покажува дека низ годините расте бројот на пензионери, но и бројот на вработени и покрај иселувањето на младите. Сепак, фондот од година в година се повеќе ја губи финансиската независност.
Ако во 2011, 36% од приходите биле директна поддршка од државниот буџет, лани тој се надополнил со 44% пари од државната каса. Годинава 890 милиони евра ќе се издвојат за пензии, а самиот фонд во стратешкиот план проектира дека во 2021 ќе му требаат над една милијарда евра за исплата на пензии.